Вечер во Музичкиот центар „Борис Христов“ во Софија, во организација на Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, ќе биде одржан концерт со Бранко Павловски (кларинет) и на Емилија Потевска – Попивода (пијано). Џез-импресии е лајт-мотивот на македонските музички уметници, кои пред публиката во Софија ќе се претстават со дела од Џорџ Гершвин, Леонард Бернштајн, Астор Пјацола и Анте Гргин. Концертот е дел од годишната програма на македонскиот Центар во Софија и е поддржан од Министерството за култура.
Бранко Павловски е македонски кларинетист со интернационална репутација и кариера. Средно музичко образование завршил во Државниот Музичко-Балетски Училишен Центар „И. Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирал и магистрирал на УКИМ Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Проф. Иван Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на Петко Радев, на Академијата за музички уметности во Прага во класата на Штјепан Коутњик, Националниот Конзерваториум во Версај во класата на Филип Купер, Националниот Конзерваториум во Вил д’Авреј – Париз во класата на Доминик Видал. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде бил асистент по кларинет до 2011 година.Во моментов тој е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Штип.
Емилија Потевска – Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера. Родена во музичка фамилија (нејзината мајка е исто така музичар), нејзиниот талент го забележуваат врвни музички имиња уште од најрана возраст. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Потевска со највисок успех ги завршува докторските студии по пијано, под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски. Интернационално активна, оваа млада пијанистка ги завршува и студиите на „Моцартеум академија“ во Салцбург, Австрија и „Дартингтон академија“ во Девон, Англија. Потевска се здобива со акредитација за предавање на британската програма за музика, откако ги завршува и IGSCE студиите на Универзитетот Кембриџ во В. Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.