Она што се наговестуваше и предвидуваше изминатите денови, денес доби потврда. Веселин Вујовиќ повеќе не е тренер на хрватскиот ракометен шампион ППД Загреб. Црногорецот даде отказ по очајниот старт на сезоната откако со екипата забележа четири порази од исто толку одиграни натпревари во Лигата на шампионите.
– Јас сум со сигурност еден од виновниците, но исто така има и други фактори. Не е ППД Загреб толку лош, но другите екипи со поголем буџет и со големи засилување напредуваат за разлика од нас, а ние не го испративме тој тренд. Ниту јас не можев да бидам 24 часа во клубот, бидејќи ја водам и селекцијата на Словенија. Ова не значи збогум туку довидување. Очекувам Загреб да застане на нозе и од финансиски и од играчки аспект и да направи сериозна понуда за Вујовиќ и дека ќе биде дел од еден голем проект – истакна Вујовиќ на прес-конференцијата закажана по повод неговиот отказ.
Поранешниот предводник на Вардар и миленик на „Комитите“, Вујовиќ на клупата на ППД Загреб издржа две и пол години во кои два pати играше во полуфинале од СЕХА лигата, а исто така во двете сезони се пласираше и во четврт-финалето во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.