| четврток, 6 декември 2018 |

Потребни се 63 пратеници кои ќе значат крај на црните и мрачни сценарија

Знам дека 11 декември е денот кога целиот народ ќе покаже дека Македонија има сила. Дека Македонија има лојални граѓани кои си ја сакаат државата. Дека граѓаните во Македонија добро ја знаат вистината за Македонија, ама баш вистината, а не лагите што некој сака да ги претстави како вистина. Вистината за тоа кој ѝ мисли добро на оваа држава. Кој работи за оваа држава и кој создава дела и проекти- посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од големиот партиски собир во Скопје.

-11 декември е денот кога нашите граѓани ќе покажат дека Македонија има политичка зрелост и капацитет да процени, да оцени, да награди но и да казни. Да ги награди тие што искрено работат за Татковината но и да ги казни оние во чиј ум не постои искрена мисла за Македонија, оние кои со години мислат, мозгаат и коваат црни планови како да ја уништуваат државата. Е тоа кај овој народ не им мине. Тој филм тие нема да го видат. Овој народ си ја сака оваа држава. Овој народ досега поминал низ многу искушенија и многу премрежиња, но секогаш сме излегле посилни. Така ќе биде и на 11 декември, сите ние заедно нема да дозволиме филмот на Заевци и Верушевци да стане реалност.

11 декември е многу важен ден за иднината на Република Македонија, бидејќи тоа е денот кога секој ќе има можност да покаже во каква Македонија сака да живее. После овие две години мислам дека на секој од вас му е повеќе од јасно значењето на овие избори.

И затоа на овие избори не е потреба само победа. Туку е потребна поддршка на 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за силна и стабилна Македонија. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до сите оние кои мислат дека можат да го заобиколат народот. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до оние кои со години го делат и го навредуваат народот. 63 пратеници кои ќе значат крај на црните и мрачни сценарија на Заевци и Верушевци.

63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои ќе значат мнозинство кое никој нема да има право да го уценува. Ова го велам од причина што ги гледате како се спремни на се само да се догребат до пратеник повеќе.

Спремни се и целосна двојазичност да воведат само да освојат пратеник повеќе. Спремни се и кичма да виткаат и интереси државни да распродаваат. Е затоа е потребно да ги победиме со 63 пратеници. Затоа е важно да не им се остави ниту малку простор, ниту малку надеж во нивниот забеган филм дека можат нешто да се пазарат, да се ценкаат, да лицитираат, да разградуваат и наддаваат. Со победата од 63 пратеници ќе им покажеме дека нема во Македонија ценкање и пазарење со иднината на нашата држава. Дека Македонија не е за пазарење.

Победата со 63 пратеници ќе значи полесно и поефикасно спроведување на проектите и мерките, ќе значи побрзо враќање на патот на реформите и посигурно чекорење на патот кон нови работни места и економски раст и развој на државата. Победата од 63 пратеници ќе значи полесно спроведување на проектите за младите. Полесно реализирање на проектите за пензионерите, земјоделците, здравствените работници и административците. Таквата победа ќе значи полесно спроведување на нови проекти во образованието, во социјалата, во спортот и културата. Поефикасно спроведување на проекти мерки во сите области и сите сфери. Проекти и мерки кои ќе значат продолжување на градбата на нашата држава. Нови дела и нов напредок кои ќе ја направат подобра, поуспешна и попросперитетна Република Македонија.

А тоа е нашиот интерес. Тоа е нашиот заеднички интерес. Тоа нашата заедничка искрена цел. Успешна и просперитетна Република Македонија. Затоа се потребни 63 пратеници, затоа е потребна таа голема победа. Тоа ќе биде трумф на народот- нагласи Груевски од партискиот собир.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top