Учеството на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во меѓународните институции и организации како владини делегати, бездруго, не може да се препише како успех на власта затоа што се работи за редовни средби на администрацијата со меѓународните партнери на државата. Можеби за посебен дипломатски успех не може да се прикажат и посетата и средбите што врвот на ВМРО-ДПМНЕ ги имаше во САД минатата недела, а кои опозициските медиуми ги прикажаа како резултат на платено лобирање на најголемата македонска партија.
Сепак, неспорен е фактот дека во услови на „изолација“, како што тврдат од „Павел Шатев“, македонските владини претставници имаат далеку поголем број средби и контакти од своите опозициски политички ривали. Без разлика дали се работи за средби со сестрински десничарски партии во Европа или, пак, со други претставници на институции и организации, неспоредлива е активноста меѓу двата македонски политички блока во странство.
Се сеќавате ли на некоја средба што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја имал со претседател на левичарска владејачка или некоја друга важна партија во Европа. Можете ли да се сетите на посета на некој висок странски претставник, премиер, важен министер или друг висок функционер на СДСМ. Тука не се сметаат европските и американските пратеници (Хан, Нуланд, Хајндл, Кукан, Вајлг, Ховит и други) кои со Заев и со претставници на опозицијата се среќаваат во контекст на решавање на политичката криза. За реален дипломатски успех не можат да се прикажат ниту средбите со претставниците на „чадорот“, кои, сепак, имаат свои интереси што многу често не се исти со официјалните државни интереси на нивните земји.
Ако се тргне од тоа што јавно може да се прочита од партиските соопштенија и од медиумите, СДСМ е во многу подлабока меѓународна изолација од ВМРО-ДПМНЕ од која, според опозицијата, уште од 2009 година „се откажале странците и ѝ следува неминовен пад“. Освен ако раководството на СДСМ нема тајни средби со странски претставници, нивното досие во оваа област е речиси празно.
Во ситуација кога Заев тврди дека СДСМ сигурно ќе победи на 11 декември, најлогично е во седиштето на партијата, наместо српски ПР стратези, да има врвулица од странски партиски шефови, министри, па дури и премиери кои ќе ја искористат можноста пред „големата победа“ на 11 декември да го обезбедат партнерството со „новата влада“ за која Заев е толку сигурен дека ќе ја води по изборите. Но, нив ги нема ни за лек. Ги нема ниту сестринските социјалдемократски и воопшто левичарски партии да дојдат и да им дадат поддршка на своите идеолошки браќа и сестри.
Простата логика вели дека сите тие, за разлика од Заев кому не му требаат анкети за да види кој ќе победи во декември, точно знаат дека СДСМ има минимална, теоретска шанса за победа и затоа не сакаат да се мешаат во македонските работи. Истата логика вели дека странците точно знаат кој ќе победи во декември и затоа не сакаат да ѝ даваат јавна поддршка на страната што ќе загуби. Ниту една сериозна држава ниту една партија нема да си дозволи јавно да агитира за политички субјект што нема шанси за победа, а уште помалку би влегле во каков било конфликт со партијата што убедливо е најпопуларна и со која и во иднина ќе треба да се соработува. Особено не во ситуација кога Македонија сѐ уште е една од критичните точки на таканаречената балканска рута.
Брисел е далеку, Балканот уште подалечен
Ако заморот на ЕУ со проширувањето и со хаосот поради бегалската криза може да му даде некакво алиби на Заев за слабите контакти со Брисел, останува отворено прашањето зошто тој не замине во Србија, Косово, Албанија или повторно во Бугарија. Грција објективно не може да биде дел од листата, прво затоа што Заев таму, и покрај симпатиите што ги ужива, не е третиран како фактор што може да ги спроведе грчките интереси. Објективно, Заев има алиби за невоспоставување јавни контакти со Грција затоа што затруените односи со јужниот сосед даваат помал простор за политички маневар на која било политичка партија. Сепак, треба да се спомне дека шефот на дипломатијата Никола Попоски и во крајно напнатата атмосфера минатиот декември ја посети Атина, а во Скопје двапати го пречека својот грчки колега Никос Коѕијас. Кога се работи за Косово и за Албанија, Заев нема ни „а“ од алиби. Откако тој јавно се заложи за двојазичност на целата територија на Македонија, логично би било да се сретне со лидерот на албанските социјалдемократи Еди Рама, кој е и премиер на Албанија, или со некој од косовските политичари што тврдат дека се социјалдемократи.
Една од ретките средби што Заев ја имал последните години со странски лидер беше таа пред две години со бугарскиот премиер Бојко Борисов, по која првиот човек на владејачката партија ГЕРБ остро ја нападна владата на Груевски. Но, поените за СДСМ изостанаа затоа што македонските граѓани не ги заборавиле заканите и блокадите во Брисел на човекот со кого Заев пријателски, речиси партнерски, разговараше во Софија. Далеку од тоа дека Заев треба да се кара со македонските соседи, но не треба да смета на внатрешни политички поени затоа што некој што ѝ ставил вето на Македонија е на негова страна.
Може ли израелската лекција да ја објасни позицијата на СДСМ?
Уште полоша од софиската посета во политичка смисла за Заев беше приказната со посетата на Израел во октомври 2015 година, каде што лидерот на СДСМ беше дипломатски торпедиран од една од најмоќните земји на светот. Откако Заев изјави дека на средбите со домаќините било разговарано за внатрешната состојба во Македонија, тој доби демант од вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Израел, Силван Шалом, кој негираше дека темите на разговор со Заев биле внатрешните прашања на земјата или, пак, бомбите на Заев. По ова од Тел Авив пристигна уште еден демант. Израелскиот вицепремиер појасни дека со Заев имал само кратка и куртоазна средба на која не се разговарало за финансиски и безбедносни прашања, како што претходно изјави лидерот на СДСМ.
Едно од прашањата што Заев треба да си ги постави кога сака да ја анализира состојбата во која се наоѓа неговата партија е темата санкции. Како се случи од наводните санкции за ВМРО–ДПМНЕ, кои според медиумите на СДСМ беа готова работа пред половина година, Груевски да почне серија посети, првин во Берлин, а сега и во Вашингтон?
Особено е важна посетата на Германија, каде што тој, и покрај тврдењата на СДСМ дека Берлин се откажал од него, за три дена се сретна со триесетина влијателни претставници од политичкиот и од бизнис секторот, од кои слушнавме изјави со поддршка кои ни оддалеку не ја потврдуваат тезата за изолација на најголемата македонска политичка партија.
(Текст објавен во 215. број на неделникот Република, 14.10.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.