Судот ќе одлучува за предметот за СЈО кога ќе биде подготвен со својата стручна анализа. За да донесе квалитетна и уставно–судски издржана одлука, Судот мора да собере и да истражи разни факти и уставно–судска практика. Се работи за Закон што треба да се процени дали е во согласност со Уставот. Не се проценува дали тој е во согласност со интересите на тие што се закануваат, се противат и му кажуваат на Судот каква одлука да донесе. Се проценува уставноста, а не се проценуваат желбите, вели претседателката на Уставниот суд Елена Гошева во интервјуто за новиот број на неделникот „Република“ одговарајќи на прашањето кога судот ќе се произнесе за уставноста на СЈО.
– Овој конкретен предмет е во Судот и се разгледува и проучува од тимот што го работи, пред да се стави на дневен ред на разгледување и одлучување. Секој посложен предмет, па и овој, од Судот има длабоко сериозен пристап на работа и анализа, како што правел Судот во повеќедецениското работење. За да донесе квалитетна и уставно–судски издржана одлука, Судот мора да прибави и истражи разни факти и уставно–судска практика. Се работи за Закон кој треба да се процени дали е во согласност со Уставот. Не се проценува дали тој е во согласност со интересите на тие што се закануваат, се противат и му кажуваат на Судот каква одлука да донесе. Се проценува уставноста, а не се проценува желботеката.
Во рамки на ова прашање нема да влегувам во отворена анализа на уставноста или неуставноста на Законот, и покрај тоа што имам свој личен уставно-правен осврт по ова прашање, кое го гледам од аспект на претседателка и судијка на Уставниот суд, како и долг работен век во Обвинителството. По однос на тоа дека некои даваат слободни толкувања на Уставот, сакам само да укажам на тоа дека единствен орган во државата што има надлежност да врши интерпретација на уставните норми е Уставниот суд.
Исто така, овој Суд ги почитува одлуките на Судот во Стразбур бидејќи, без оглед што мислиме ние, тој е единствено надлежен да ги толкува и интерпретира одредбите од Европската конвенција за човековите слободи и права. Зошто го давам ова како паралела? Затоа што треба да се почитува институционалната поставеност на надлежности, не може лице што протестира да бара Уставен суд да донесе одлука каква тој испорачува, како што не може нашата држава да го негира одлучувањето на Судот во Стразбур затоа што сме решиле „слободно“ да толкуваме норми. Исто така, не гледам демократија во вулгарностите изречени за Судот и за одредени судии, ниту во боењето на објектот на Судот. Не можат со тоа да воспостават контрола над Судот, како што одредени центри на политички интереси недвосмислено практикуваат контрола над размислувањето на своите активисти, со информации кои се сомнителни. Но, тука сме веќе на теренот на надворешните општествени случувања со кои ќе се занимаваат со проучување социолозите, политиколозите, институциите на научна основа, и јас овде не би се впуштала во какви било анализи на настаните кои ја тресат земјата овие две години, вели Гошева.
На прашањето зошто до сега Уставниот суд не се произнесе по ова прашање досега, судијката вели:
– Судот ќе одлучува за сите, а не само за овој предмет, кога ќе биде подготвен со својата стручна анализа по предметите. Тензиите за конкретниот предмет што ме прашувате се производ на субјектите што имаат зацртано политички активности и затоа сакаат да го забрзаат ова прашање, а исходот на одлуката отворено го бараат. Уставниот суд не е институционален суд. Уставниот суд работи по поднесени иницијативи или кога сам ќе оцени да одлучува по некој пропис. Оттука, роковите во Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се за начинот на кој ќе работи Судот со предметите, но тоа не се процесни рокови поради кои овој Суд е должен пред јавноста да исфрла одлука, туку аналитиката е основа на одлуките на Судот, таа треба да е квалитетна и уставно основана. Сепак, Судот во голем дел работи ажурно и нема многу заостанати предмети во подолг рок, вели претседателката на Уставниот суд Елена Гошева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уставниот суд на 19 септември ќе ги разгледува иницијативите за поништување на одлуката за распишување на референдум
-
СМК поднесе инцијатива до Уставен суд за поништување на одлуката за референдум
-
Уставниот суд ќе постапува по одлуките на Аеродром и Радовиш за референдум за населување мигранти
-
Пренџов: Побаравме од Уставниот суд да укаже на нелогичноста во законите за локална самоуправа