| четврток, 6 декември 2018 |

Дарушафака триумфално низ Белград, Црвена звезда се лизна на стартот на Евролигата

darusafaka

Црвена звезда го загуби премиерниот натпревар од новата сезона во Евролигата, откако шампионот на АБА претрпе пораз на домашен терен од Дарушакафа со 70-73. „Црвено-белите“ вината можат да ја бараат исклучиво во сопствените редови, откако пред фантастичната публика имаа и предност од 16 поени, за во самиот финиш да дојде до голем пад во нивната игра, што скапиот тим на Дејвид Блат знаеше да го искористи и да дојде до голема победа.

„Црвено-белите“ водеа речиси цел натпревар, уште од третата минута кога стартуваа серија 11-0 по водство на гостите од 4-6, па се до поледната минута кога Вил Клибурн погоди за 68-69. Позитивата беше двоцифрена уште во првата четвртина, на одмор се замина со 44-30, а на стартот од третата четвртина Црвена звезда имаше и најубедливи 16 поени разлика, но „црвено-белите“ сепак не успеаја да ги запрат налетите на скапиот турски клуб. Лука Митровиќ е трагичарот на АБА-шампионот, откако промаши две слободни фрлања, а потоа утна и зицер под кошот, за веќе во следниот напад да ја загуби топката од Вонамејкер, сето тоа во последните три минути. Искусниот турски состав знаеше како да го искористи тоа, погоди неколку шутеви кога беше најзначајно, па преку пенал-завршница го приврши мечот до крај, за конечна победа од 73-70.

Клибурн со 19 поени беше најефикасен кај Дарушафака пред Бертанс со 13, додека кај Црвена звезда најдобар поединец беше Кузмиќ со 16 поени, 9 скокови и три блокади, но одличниот центар клучните моменти ги мина на клупата за резерви, потег за кој Радоњиќ сигурно има причина за каење.

Многу интересен беше и натпреварот во Италија, каде Милано по голема битка го совлада Макаби со 99-97. Домаќините го контролираа реултатот до самиот крај, кога Макаби предводен од Гудлок успеа да се врати. Израелскиот гигант имаше и последен напад за израмнување, но остана со празни раце откако Меклин го блокираше обидот на Ландесберг. Гудлок со 27 поени беше најефикасен на натпреварот, но и тоа не беше доволно за триумф на Макаби, додека најдобри поединци кај Милано беа Хикман со 22, Мачван со 18 и Радуљица со 15 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top