Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан денеска престојува во посета на Република Македонија, и веќе се сретна со премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев.
Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, средбата со премиерот Емил Димитриев ја оцени како конструктивна и сеопфатна. На неа, како што напиша Хан на својот твитер-профил, било разговарано за исполнување на условите за веродостојни избори, спроведување на реформските приоритети и за поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Конструктивна и сеопфатна размена на мислења со премиерот Емил Димитриев. Го истакнав исполнувањето на условите за веродостојни избори, реформските приоритети, поддршката на работата на специјалниот обвинител, миграцијата“, напиша Хан на „Твитер“.
Constructive and comprehensive exchange w. Prime Minister Emil #Dimitriev. 1/2 pic.twitter.com/2gRj8GbPwf
— Johannes Hahn (@JHahnEU) October 14, 2016
Премиерот Димитриев истакна задоволство од фактот дека сите политички партии се согласија дека се исполнети сите услови за реализација на фер и демократски избори. Тој додаде дека Владата за спроведување на изборите е фокусирана кон реализација на сите потребни активности кои се од значење за овој процес, притоа нагласувајќи дека изборите на 11 декември се единствено решение за политичката криза и пат кон креирање на политичка влада базирана на волјата на гласачите која ќе функционира во полн капацитет и ќе реализира проекти кои се од интерес за сите граѓани и задоволувањето на нивните реални потреби.
Стана збор и за предизвиците во врска со справувањето со мигрантската криза. Премиерот Димитриев истакна дека нашата земја посветено и одговорно пристапува кон ова прашање, а одлуките во врска со ова прашање ги носи во координација со останатите земји кои се наоѓаат на мигрантската рута меѓу кои се и земји членки на Европската унија. Еврокомесарот Хан даде позитивна оценка за односот и пристапот на Република Македонија, истакнувајќи дека нашата земја имаше клучна улога во справувањето со предизвиците од мигрантскиот бран.
Претседателот на Владата и Еврокомесарот ги истакнаа своите заложби за продолжување на соработката меѓу двете страни во сите полиња од заемен интерес.
Најавени се и одделни средби со лидерите на четирите најголеми политички партии, како и со специјалната обвинителка Јанева, и со претставници на граѓанското општество.
Целта на посетата, како што се наведува во соопштението од Европската комисија, е да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во насока на организирањето на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хан: Очекувам објаснување за азилот на Груевски, се работи за кредибилитетот на Европа!
-
Мицкоски – Хан: Евро-атлантската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во регионот
-
Хан: Имате рандеву со историјата!
-
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан (во живо)