| четврток, 6 декември 2018 |

Првата дама Маја Иванова на Првата школа за педијатри

Педијатријата е еден од главните столбови на успешно здравство во една држава. Педијатрите се првите кои детектираат и ја дијагностицираат нарушена здравствена состојба кај децата. Се трудат да одговорат на потребите, на нивните вознемирени родители, притоа, ставајќи ги малите пациенти во преден план. Вашата улога во животот на секое едно дете и во животот на секој родител е од непроценливо значење, потенцира сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова на Првата школа за педијатри што се одржа во хотелот „Александар Палас“.

– Крајно сме ви благодарни, а и јас како родител, како мајка, за целата континуираната лекарска грижа и за редовните прегледи на децата, надополнети со проактивен пристап, ангажираност, посветеност, професионалност, стручност и пожртвуваност, рече Иванова.

Таа упати благодарност до сите членови на Здружението на педијатри на Република Македонија кои, како што рече, со реализацијата на оваа Школа уште еднаш покажаа дека се темел на здравствената заштита на младите поколенија.

– Млади, чисти и од бога дарувани поколенија се радост за семејствата, а подобро утре за државата. За нивен здрав и нормален психофизички развој, потребна им е љубов и грижа, првенствено од родителите, но и од пошироката заедница, а пред се тука мислам на педијатрите. Потребна е редовна лекарска контрола кај матичните педијатри, кои со својата стручност имаат големо влијание во целокупниот развој на децата, рече Иванова.

Според неа, немоќноста да му помогнете на своето дете е еден од најголемите проблеми.

– Здравјето, а понекогаш и животот, на нивното најголемо и непроценливо богатство – детето, родителите го ставаат во ваши раце. Се што родителот може во таков момент да посака и да очекува е што поскоро и на што подобар начин негово дете да го надмине и да се избори со предизвикот со кој се соочува. А вие сте единствените кои во тој момент вистински можете да му помогнете, можете да му дадете надеж на родителот дека неговото дете ќе оздрави и дека ќе се врати безгрижната насмевка и радост на неговото невино лице, рече Иванова.

Таа нагласи дека како сопруга на претседателот на Република Македонија, но и како родител и како мајка, се труди да помогне и да поддржи што поголем број иницијативи посветени на децата.

– Отворањето на Првиот ургентен центар на Детската клиника и тековното реновирање на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, проекти кои што се одвиваат под мое покровителство, ми се најдрагите активности за подобрена здравствена заштита на децата. За ваквите проекти ја имам безрезервната поддршка од мојот сопруг, рече Иванова.

Таа ги поздрави сите учесници, од Република Македонија и од странство, и им посака успешни излагања, конструктивни дискусии, меѓународна соработка, објективни анализи на актуелните состојби, но и препораки за имплементирање на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво и во нашата држава

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top