Пред Вишиот суд во Нови Сад е раскинат првиот договор за кредит помеѓу една странска банка и граѓанин од овој град кој имал станбен кредит во швајцарски франци.
Пресудата во корист на корисникот на кредитот е донесена поради промена на околностите под кои е склучен кредитот во 2008 година, објави Новости.рс. Двете страни, и банката и клиентот, мора да ги вратат парите со затезна камата од денот на склучување на договорот.
За должникот тоа ќе бидат два до три милиони динари, а не 13 милиони динари колку што му остана да врати до крајот на отплатата на кредитот. Имено, вредноста на кредитот кој е земен во 2008 година била 7 милиони динари. За осум години должникот вратил 6,5 милиони динари, а останатиот долг е уште 13 милиони динари. Наместо толку голема сума која настана поради курсни разлики, на банката ќе и врати многу помалку, а банката на него ќе мора да му ги врати сите пари што ги дал во изминативе осум години.
Поради драстичниот скок на швајцарскиот франк во 2008 година, банките на граѓаните им ги зголемија каматите, така што ратите се дуплирани.
Во Србија над 18.000 граѓани должат за станбени кредити во швајцарски франци, а најголем број од нив правдата ја бараат на суд. Во Македонија, според официјалните податоци на македонските банки, нема станбени кредити во швајцарска валута.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.