Театар Комедија во новата сезона почнува со уште една новост со која го збогатува својот репертоар и ги радува гледачите со уште еден ден во кој ќе се игра театар. Преку акцијата „Среќна недела“ Театар Комедија го воведува денот недела како ден во кој ќе се случува театар.
Во неделите приватни проекти кои се во жанрот на комедијата својот дом ќе го наоѓаат во Театар Комедија преку оваа акција. Целата акција ќе почне на 16 октомври кога на сцената на Театар Комедија ќе биде играна претставата „Приказните на заборавените предци“ во продукција на Народен театар Слојштица во 20 часот.
Претставата е во режија на Андреј Цветановски а во неа играат Дамјан Цветановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски и Исидор Јованоски.
„Приказните се образованието на нашите претци. Искуството што го предава еден народ од колено на колено. Традиција која станува генетско богатство за луѓето кои живеат во еден простор. А раскажувачите беа учителите, даскалите, медиумите, театарот, уметноста кои успеваа, да ги привлечат, заинтересираат, зачудат, забавуваат и придобијат слушачите. Оние кои од ученици подоцна ќе станат учители и пренесувачи на истиот медиум. Еден од тие раскажувачи е Дедо Илија Кочовски чии приказни беа материјал за создавање на претставата „Приказните на заборавените предци“ како отварање на Народен театар Слојштица, бидејќи скоро сите учесници потекнуваат од селото. Оваа претстава ја имаше својата премиера на 28ми август во село Слоештица како дел од фестивалот „Славење на пирејот“ кој се одржа по десетти пат“ се вели во соопштението на Театар Комедија.
Картите за претставите што ќе бидат вклучени во акцијата „Среќна недела“ ке бидат по цена од 100 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.