Бидна уште еден, јубилеен, конгрес на СКМ, или СКМ-ПДП, или СДСМ, кој како милува така, нема да згреши во никој случај. Настрана тривијалните конгресни фрази на лидерот, јубилејниов конгрес на СДСМ кај мене отвори дилема која ќе се обидам да си ја разјаснам во продолжение, пишува Никола Србов во својата последна колумна за „Република“.
Дилемата ми е дали партијата е целосно киднапирана или е вратена на нејзините стари вредности, вредности востановени пред седумдесет и една година, поточно на 16.04.1945 година? На конгресот мене највпечатлив ми беше симболот-логото наменето за настанот на Заев, од таму, всушност, ми произлегува дилемата. Симболот на СДСМ е жолта петокрака со црвена роза, која последните години ја модифицираа и вметнаа стисната тупаница. На конгресот симболот на СДСМ беше обвиен со неколку поголеми петокраки и тие беа шарени. Од партијата соопштија дека тоа било во чест на „Шарената револуција“.
Оттука произлегува и прашањето кој кого контролира. Дали СДСМ и де факто стана марионета во рацете на „Шарената револуција“, која е една од многуте инсталации на Сорос? Дали „шарените револуционери“ ја киднапираа партијата од членството на СДСМ?
Старото и лојално членство на СДСМ, кое со години работело за партијата, сега е контролирано и водено од „шарени револуционери“ кои им дефилираат низ штабот. Членството, кое работело од љубов и од некаква идеологија, сега стои во последните редови зад разни профитери, самопрогласени интелектуалци и експерти. Членството, кое од љубов работело за партијата без никаков надомест, сега е засенето од нови ликови со големи грантови. Тоа членство со години плаќало членарина во СДСМ, од таа членарина сега се дели плата на нововработените „револуционери“ во партијата. Останатиот дел од „револуционерите“, тие што не се вработија во органите на партијата, раководството на СДСМ го вдоми во СЈО. Згора на сево ова, добитните места на пратеничките листи за наредните парламентарни избори ги добија платените членови на „Шарената револуција“, а членството доби едно големо ништо.
Да резимирам за првиот дел од дилемата, како се киднапира партија преку газење на членството. Во јавност се криеш дека си симпатизер на СДСМ, додека членството гине за партијата, тебе само дома те знаат; влегуваш во една од организациите на Сорос; договараш добар грант за правата на птиците-преселници кои прелетуваат над Македонија; одиш на протести во 18 часот откако убаво ќе се наспиеш; вежбаш бицепс преку фрлање боја по споменици; се вработуваш во партијата или во СЈО; се ставаш на добитно место на пратеничка листа; влегуваш во парламент како пратеник. Чист профит. За една година си киднапирал партија и си ги девастирал сите што со години работеле за партијата, тие сега ќе работат за тебе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.