| четврток, 6 декември 2018 |

Миноски: Ако се разреши политичката криза, економскиот раст догодина ќе биде поголем од предвидениот

Kiril-Minoski-int189-2-520x469 (Custom)

Македонската економија во 2017 година може да оствари дури и повисок економски раст од проектираниот од 3%, доколку политичката криза добие своја разрешница во декември. Ова во интервју за Гласот на Америка го истакна министерот за финансии Кирил Миноски, говорејќи за економските политики кои ги спроведува Владата и нивните ефекти, како влезот на странските инвестиции и отворањето на нови работни места.

– Светска банка проектираше раст на македонската економија од 3,3% отсто за 2017 година. Нашата проекција беше поконзервативна и таа изнесува 3 отсто. Но растот може да биде и повисок. Еден од факторите кој ќе влијае на тоа е разрешување на политичката криза, која предолго трае. Овие прогнози ги базирам на првите два квартала од тековната година. И покрај влијанието на политичката криза, во вториот квартал од 2016 година имаме раст од 2,3%, благодарение на извозните активности од ТИРЗ, но и на растот во останатите сегменти на индустријата, како традиционалните сегменти каде е забележана поголема економска активност во однос на минатата година – вели Миноски.

Како што истакнува министерот за финансии, основен приоритет на Владата на РМ е поттикнување на инвестициите и на економскиот раст, што ќе придонесе за зголемување на бројот на вработените и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Министерот посочува дека невработеноста во земјата е сведена на историски најниски 24%, но дека работата на Владата не е завршена и ќе се продолжи во насока на отварање на нови работни места преку збир на економски политки кои се спроведуваат.

–  За да се отворат нови работни места неопходни се инвестиции. Активностите кои ги презема Владата може да се класифицираат на активности насочени кон привлекување на странски инвестиции и на активности насочени кон стимулирање на инвестициите на домашните компании. Она што го правиме за домашните компании е стимулативна даночна политика во која реинвестираната добивка е ослободена од плаќање данок. Со ова ги стимулираме инвестициите во технологијата кои значат креирање нови производи и нови услуги и зголемување на додадената вредност– вели Миноски и заклучува дека сето тоа придонесува кон потребата за отворање на нови работни места. Како битен генератор на нови вработувања Миноски ги наведува и активните мерки за вработување на Владата како „Македонија вработува“.

Прашан за значењето на дијаспората за македонската економија, министерот вели дека сите кои ќе се одлучат да инвестираат во земјава или да се поврзат со домашни компании добавувачи имаат вин-вин ситуација. Од една страна во земјата влегува странски капитал, технологии и се отвараат нови работни места, а од друга страна оние што ќе инвестираат добиваат одлична бизнис клима, поволна даночна политика и квалитетни производи и услуги од македонските компании

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top