| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски: Да го унапредиме единството и да ја сочуваме државноста

- Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден, рече тој, и побара од политичките елити поотворена соработка и уште поголем развој и демократска иднина на Македонија - рече Вељаноски

Единаесетти октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Македонија на патот кон слободата, истакна вечерва претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на свечената академија по повод 75-годишнината од Денот на народното востание – 11 Октомври. Вељаноски повика на унапредување на единството помеѓу политичките партии и унапредување на развојот на државата.

Цената која беше платена да се извојува слободата е преголема, рече Вељаноски, потенцирајќи дека извојуваната државност мораме да ја сочуваме и да ги унапредуваме вкупните прилики, но се е потешко доколку отсуствува единството.

– Таквото единство како да изгледа дека е најтешко остварливо. Длабоко вгнездени во сопствените табори, како да се заборава дека сите политички партии, во основа, имаат иста, благородна цел. Сепак, независно од ваквата, тажна состојба која трае, оптимист сум дека на крајот целата држава ќе излезе побогата за едно искуство, но и поединствена и посложна, порача Вељаноски.

Како претседател на македонскиот законодавен дом уште еднаш повика на унапредување на единството помеѓу партиите и надминување на разликите.

– Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден, рече тој, и побара од политичките елити поотворена соработка и уште поголем развој и демократска иднина на Македонија.

– Нашите политички разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија. Не смееме да говориме за „наши“ и за „ваши“ кога станува збор за Македонија, која е нашата единствена партија и единствена програмска платформа, рече претседателот на Парламентот Вељаноски.

Собранието било и ќе биде арена, додаде тој, во која ќе разменуваме идеи во духот на конструктивноста и демократичноста и останува да биде институцијата во која доминираат заедничките вредности.

– Под еден кров и во иднина треба да продолжиме да се бориме сите за една света цел која произлегува од четирите свети букви на ВМРО.
И власта! И опозицијата! И Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и сите други. Во остварувањето на таа цел, непријатели ни се единствено оние што не и мислат добро на Македонија. Меѓутоа, нас, независно од нашите политички разлики, верувам дека не обединува љубовта кон Македонија, рече Вељаноски.

Големата цел на партизаните била независна Македонија, додека големата цел на оваа генерација политичари е економски развиена Македонија. – Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик, додаде тој.

Македонија е силна колку што се силни нашите вредности, колку што е исправна нашата колективна морална вертикала, посочи Вељаноски потенцирајќи дека мора да продолжи поддршката за македонските семејства, кои се основата на државата.

АСНОМ, потсети Вељаноски, беше врвот на Народно-ослободителната борба, а неговиот најцврст темел беше токму 11 октомври. Во модерна Македонија, додаде спикерот, совршено јасно се отсликуваат вредностите кои ги имаат втемелено партизаните.

– Македонскиот народ живее во мир со сите народи кои ги почитуваат принципите на братство, еднаквост и солидарност. За прв пат во поновата историја, Македонците имаат своја држава и своите намери најјасно ги истакнуваат преку желбата за мир и изземањето од сите воени дејствија кои ја опустошуваа до тогаш заедничката држава. Ваквата определба на нашиот народ е доволен доказ за мирољубивоста на Македонија, смета претседателот на македонското Собрание.

Веруваме во еднаквост и слобода на секое човечко суштество, посочи спикерот и како што кажа тие наши идеали се поклопуваат со оние на НАТО-алијансата и ЕУ. – Тој идеал за еднаквост и здружување на европските народи, наспроти крвавата вековна историја на овој стар континент, мора да опстои и да ги надмине сите потешкотии со кои се соочува. Потребно е многу да се работи на негово усовршување и демократизирање, но верувам во добрите намери зад идејата наречена Европска унија. Македонија, како и во минатото, така и во иднина ќе остане посветена на евро-интегративните процеси, рече претседателот на македонскиот Парламент.

На свечената академија присуствувува премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, поранешни претседатели на Собранието, поранешни и актуелни пратеници, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници и на други институции.

Вељаноски ги повика да земат учество на свеченоста по повод прогласувањето за завршена на една од најголемите градежни реконструкции и осовременувања на македонскиот законодавен дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top