Аргентинскиот напаѓач од редовите на Барселона, Лионел Меси ќе биде подготвен за натпреварите против Депортиво ла Коруња и Манчестер сити, потврдија од таборот на каталонскиот гигант.
Тој заработи повреда на препоните на 21. септември на дербито против Атлетико Мадрид и го напушти мечот во 59. минута. Шампионот на Шпанија тогаш објави дека Меси ќе отсуствува три седмици, но поволна околност за Барселона беше што голем дел од овој период зафати паузата поради репрезентативни настапи на фудбалерите.
Каталонците објавија дека Меси во изминатиот период напорно работел во тренинг центарот на Барселона и би требало да биде на располагање на тренерот Луис Енрике пред предвидениот датум за камбек, уште за дуелот со Депортиво ла Коруња. За очекување е Енрике да не ризикува, па Аргентинецот да одигра само двааесетина минути против Ла Коруња, но приоритет сигурно е претстојниот меч од Лигата на шампионите против Манчестер сити, што ќе се игра на 19 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.