| четврток, 6 декември 2018 |

Драмски на турнеја со „Генетика на кучињата“, две премиери ќе има во декември

Драмски театар-Скопје (ДТС) со претставата „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски ќе биде на турнеја и ќе гостува во Народно позориште во Сараево (13 октомври), во театарот „Гавела“ во Загреб (15 октомври) и во Београдско драмско позориште во Белград (17 октомври).

Директорот на ДТС Роберт Велјановски денеска на прес-конференција рече дека гостувањето, кое е поддржано од Министерстото за култура, ќе биде сериозно добро претставување на македонскиот театар на сцените на, како што рече, нам по многу нешта блиски и драги театарски пријатели.

– Моите најави говорат дека интересот за нашето гостување и во Белград, и во Загреб, и во Сараево, е сосема задоволителен. Притоа се многу радосни што Драмски театар од Скопје, како театар што оставил траен белег на овие простори во изминатите 70 години, ќе има свое претставување во овие три града односно во три држави, рече Велјановски.

Тој  за 12 октомври од 20 часот на малата сцена на ДТС  ја најави и премиерата на монодрамата „1900-тиот“ според „Новеченто“ на Алесандро Барико. Монодрамата  ќе ја изведе Кристијан Светиев, кому оваа претстава во 2014 година му беше дипломски испит по актерска игра на Факултетот за драмски уметности, во класата на проф. Зоја Бузалковска.

Монодрамата, која досега е изведена на ФДУ и на Фестивалот на монодрама во Битола, ќе биде на редовниот репертоар на ДТС затоа што, рече Велјановски, таа има исклучителен квалитет и заслужува да има повеќе изведби и да биде институционализирана. Овојпат монодрамата е обновена со сценографија и костимографија на Драмски театар.

Александар Степанулевски, асистент на проф. Бузалковска, на прес-конференцијата рече дека се надева дека претствата ќе има долг век, бројна публика и дека Светиев ќе почне да си го трасира патот во професионалните театарски води.

Директорот на ДТС информираше и дека од 20 октомври во Драмски бугарската режисерка Лили Абаџиева ќе почне да ја подготвува претставата „Франкенштајн“ според истоимената книга на Мери Шели. Премиерата се очекува на 24-25 декември. Во средината на декемеври се очекува и премиерата на „Венецијанскиот трговец“ од Вилијам Шекспир во режија на Наташа Поплавска, која новата претстава ќе почне да ја подготвува за десетина дена.

Со двете премиери во декември Драмски театар ќе ја заокружи програмата за оваа година. Театарот аплицираше во Министерството за култура за планираните проекти во 2017-та и, доколку добие поддршка, следната година ќе има претстави на режисерите Галин Стоев, Оливер Фрљиќ, Синиша Евтимов, Љубиша Георгиевски, Лука Кортина, Зоја Бузалковска и Иван Манасковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top