Во киното „Милениум“ синоќа со перформанс и коктел свечено беше отворено 12. издание на „Фестивал на нов германски филм“ кој нуди увид во најновата германска кинематографија.
На свечениот коктел, пред кино „Милениум“, по повод отварањето на фестивалот беа поставени фризерски хауби и каде хостеси со виклер-фризури послужуваа чоколатца, се слушаа многу афирмативни размисли и коментари за филмовите што се најдоа на програмата на фестивалот…. Подоцна беше изведен и перформанс, кој беше еден вид најава за концептот на фестивалот, кој годинава акцентот го стави на сите оние на кои им е дијагностицирана Алцхајмеровата болест и деменцијата. А, на сцената минимална сценографија, со само една фризерска столица и светла. Токму фризерницата е мотивот на годинешниот фестивал, зашто фризерот е тој кој што ги чува тајните на своите муштерии, секогаш подготвен да ислуша, или со други зборови, тој е најевтиниот психолог, кој секогаш секого разбира и никогаш не осудува. Со тие зборови започна и перформансот во изведба на актерите Ивица Димитријевиќ и Наталја Алтхаузер, потенцирајќи дека проблемот настанува кога некој ќе почне да заборава заради одредена дијагноза, и повикаа на емпатија и разбирање…
Со оваа порака беше отворен фестивалот, и тоа со фасцинантната траги-комедија „Мед во главата“, за таткото кој страда од Алцхајмерова болест и сурово го искушува целото семејство.
Фестивалот го отворија Амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Д. Алтхаузаер, директорот на КИЦ, Златко Стевковски и Билјана Северинова од „Прокредит банка“.
-Под мотото „Сакам филм“, во десет града, ќе бидат прикажани десет актуелни германски филмови, со различен жанр и тематика. По Скопје, проекциите продолжуваат во Куманово, Прилеп, Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Тетово, Струмица и Штип, сите во оригинал на германски јазик со македонски поднаслови (во Тетово со албански). Сите се со бројни фестивалски награди и освен оние наменети за публика над 12 години, програмата содржи и детските филмови за деца над 6 години, соопштуваат организаторите.
Иако се случуваат во Германија, пораките се универзални и разбирливи за сите, зашто опфаќаат области на човековиот соживот, љубовта, семејството и пријателството, училиштето и пубертетот, староста, болеста и смртта. „Мед во глава“ ги разбуричка емоциите на публиката, дури донесе и солзи. Таква емотивна нитка носат и останатите филмови. Гледајте ги во кино Фросина и сакајте го филмот!, порачаа тие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.