| четврток, 6 декември 2018 |

Тројца Хрвати во неверојатна авантура: Купиле Југо за 320 евра, а со него стигнале до Монголија и назад

hrvat

– Целта ни е до нашата 35-та година сите континенти да ги поминеме со Југо. После може да се скрасиме, да се ожениме, што и да е. Ова патување ми го промени животот. Станав потолерантен, лошите работи што се случуваат околу нас како да не ме засегаат, вели Филип Јаковац од Риека кој бил иницијатор на оваа авантура.

Тимот, кој сам се нарекол „Алан Форд“, на 13 јули со Југо Корал 55 се упатил во неверојатно патешествие – од Риека возеле до Монголија и назад, поминувајќи околу 18.000 километри на европскиот и азискиот континент, а во својот роден град се вратиле на 13 септември, со автомобил кој според Јаковац е во совршена возна состојба. Поминале низ Хрватска, Србија, Унгарија, Украина, Русија, Монголија, Белорусија, Транснистрија, Молдавија и Романија, и тоа возеле исклучиво надвор од автопатите, кои, освен во Хрватска, Србија и дел од Унгарија, според зборовите на Филип, на нивната рута воопшто и ги немало.

– Работам како скипер и лани возев група Шпанци. Инаку, обожавам да патувам и 80 проценти од Европа имам поминато со автомобил, со тоа што секогаш одам по стари патишта, бидејќи тоа е сосема поинакво искуство од автопатот. Кога пловевме до Вис, момците ми раскажуваа за Монголското рели. Едноставно, тоа беше тоа. Си реков – Морам и јас да одам на тоа! Се собравме тројца, Марино Ремпешиќ, Александар Пуача и јас. Условот што ми го постави мајка ми беше да дипломирам пред да одам. Забрзано работев на дипломската и завршив баш пред заминување, раскажува Филип Јаковац, 27-годишен дипломиран правник од Риека за Јутарњи.хр.

jugo

 

Југото корал 55 го купиле во Велика Горица, во близина на Загреб, за само 320 евра.

– Автомобилот беше во одлична состојба. Од 1989 година е, а до нашиот пат поминал само 59.200 километри. Цело време бил во сопственост на еден дедо, кој ретко го возел, во последниве години воопшто и многу пазел на него. Ние цел пат немавме ниеден единствен дефект, само двапати ни се дупна гума, еднаш пред да влеземе во Монголија и еднаш во Монголија, и тоа беше тоа, вели Филип.

Колата ја офарбале во боите на Риека, а на хаубата и го нацртале грбот на градот, и тргнале на пат…

Не им било страв, бидејќи како што велат, целта била да запознаат многу различни луѓе и да го сфатат менталитетот на регионите низ кои поминале.

– Кога сум на пат, имам три правила: биди неверојатно љубезен, неверојатно позитивен и неверојатно глупав. Кога некој од власта ќе те праша нешто, не знаеш руски, не знаеш англиски, само се смешкаш и шириш раце. Кога се снаоѓаш со тие луѓе, се смееш, шириш раце, позитивен си. Нема страв, зашто штом тој ќе се појави, ќе се случи нешто. Тоа така веројатно се влече едно со друго. На пример, во Транснистрија ни беше страв, читавме дека тоа е полициска држава, дека никој не ги признава освен Русија. Велат дека тоа е единственото прибежиште на СССР, каде што се навистина изгледа како од тоа време, само што нема никаква врска со комунизмот. Во Тираспол прашавме еден млад човек каде има хостел, а тој ни понуди да преспиеме кај него, што ние и го сторивме и испивме пиво заедно. Вториот ден се опуштивме и тргнавме понатаму, кога не запре полиција. Таму, инаку, по закон е дозволено нула промили, а ако имаш и промил алкохол, ја губиш возачката на две години. Јас имав испиено коњак, зашто земјата е позната по тоа, а Алекс, кој не пие ништо, возеше. Тие зборуваат руски, ние хрватски, јас само повторував ‘како сте’, а тие ми велеа ‘што си толку лежерен?

На крај полицајците им побарале 200 долари мито, а овие им дале 70 центи, 3 долари и 4 евра во локалната валута и заминале.

hrvati

– Среќававме исклучително љубезни луѓе. Кога ни се дупна гума, автомобилите застануваа, нудејќи ни помош. Во Русија воопшто нема туризам во оваа смисла како кај нас, 99 отсто од гостите во хостели се Руси, нема реклами, но сите се многу срдечни, пријателски. Се забавувавме, постојано излегувавме, запознававме луѓе…, вели Јаковац.

По враќањето во Риека, Филип веќе планира нови патувања. За крајот на следната година би сакал од Риека со „југцето“ преку Азија да отиде во Индонезија, а потоа со траект во Австралија, а во план му е и северот на Африка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top