Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денес одржа прес-конференција за субвенционирање на граѓаните за купување на печки на пелети за 2016 година. Со оглед на тоа што една од главните причини за загадување на воздухот во градот Скопје е затоплување на домовите со дрва, остатоци од мебел и други несоодветни горива, тој истакна дека со оваа мерка градските власти сакаат да ги стимулираат жителите на главниот град при затоплувањето на своите домови да користат пелети.
– Во пресрет на претстојната зима и почетокот на сезоната на затоплување на домовите, му предложив на Советот на Град Скопје на денешната седница да донесе Програма за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година. Поточно, предложив Градот Скопје да им излезе в пресрет на граѓаните и да субвенционира купување на печки на пелети, односно, да надомести дел од трошоците направени при купување на печка на пелети за затоплување на домовите.
– Со оваа мерка, Градот Скопје ќе надомести 70 отсто од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење – изјави Трајановски.
Право на учество на јавниот повик што ќе го објави Градот Скопје ќе имаат жителите на Град Скопје, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор по денот на објавување на јавниот повик и ќе поднесат Образец за барање за искористување на правото за надоместок.
Заинтересираните граѓани ќе треба да ги достават следните документи:
– Пополнет образец за барање, кој содржи и изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за купување печка на пелети, од друг јавен повик од кој било извор во Република Македонија. Барањето ќе може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот Скопје www.skopje.gov.mk
– Доказ за жителство во Град Скопје, со доставување фотокопија на личната карта на барателот.
– Доказ во оригинал дека е извршено купување на печка на пелети, и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавување на повикот.
Едно лице ќе може да поднесе само едно барање за добивање надомест. Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 9.30 до 15 часот. На пликот треба да стои: Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година, како и името и презимето и адресата на барателот.
За пристигнатите барања ќе решава комисија, која ќе има задача да ги провери пристигнатите пријави и да изврши контрола на терен за веродостојноста на набавката и користењето на печката на пелети, т.е дали печката е купена и инсталирана.
Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, сè до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30.11.2016 година. Јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, после објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија, а ќе трае до 30.11.2016 година.
Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно исполнување.
Субвенционирањето е едно од мерките за заштита на амбиенталниот воздух во градот Скопје и е дел од акциониот план на стратегијата за климатски промени на Градот Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.