| четврток, 6 декември 2018 |

„Династија“ се враќа на малите екрани

Богатите семејства Карингрон и Колби најверојатно ќе се вратат на малите екрани. Американските медиуми пренесуваат дека се планира нова верзија на „Династија“, една од најгледаните серии во светот.

Оригиналната верзија ја работеше филмскиот и ТВ продуцент Арон Спелинг, а за новата серија се задолжени Џос Шварц и Стефан Севиџ, кои стојат потпишани зад популарните тинејџерски серии „Округот Оринџ“ и „Озборувачка“.

Серијата што ги обележа осумдесеттите години во целиот свет, ама и во Македонија, во центарот на приказната ги става богатите семејства Карингтон и Колби, интригите, сплетките и љубовните манипулации што ги окружуваат нивните членови.

Младата секретарка Кристл (Линда Еванс) која станува член на семејството Карингтон, во новата верзија ќе се вика Кристал и ќе потекнува од Јужна Америка, што е разлика во однос на оригиналната верзија. Со овој потег, телевизиската мрежа CW планира да привлече голема публика од хиспанско потекло, како што тоа го направи со серијата „Девицата Џејн“.

Сценариото за пилот епизодата го пишува Сели Патрик („Одмазда“), но голема поддршка има и од соработниците на оригиналното сценарио, Естер и Ричард Шапиро.

„Династија“ се емитуваше од 1981 до 1989 година на телевизијата ABC и се смета за една од најуспешните сапуници на сите времиња.

Покрај Линда Еванс, за популарност на серијата придонесоа и Џон Форсајт (Блејк Карингтон), Џоан Колинс (Алексис Колби), Памела Белвуд (Памела Карингтон), Џон Џејмс (Џеф Колби), Хедер Локлис (Семи Џо Карингтон)…

извор: hybread.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top