Женскиот младински хор при МКЦ под диригенство на Сашо Татарчевски вечер ќе одржи концерт со наслов „Бог, Инспирација, Музика” на кој ќе бидат изведени композиции од духовниот хорски опус на повеќе домаќини и странски автори.
Од своето формирање во 1972 па се до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, со посебно внимание кон македонското хорско творештво, овој ансамбл покажа дека пеачи аматери можат да постигнат високо професионални резултати.
Во изминатите 44 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. Нај скорешните успеси се освојувањето златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Liviu Borlan” во Баја Маре, Романија (2015) и освојувањето на две први места и три специјални награди на фестивалот и натпревар за хорска духовна музика “Vratislava sacra” во Вроцлав, Полска (2016).
Концертот ќе се одржи во храмот на МПЦ „Рожденство на пресвета Богородица” од 20:00 часот. Влезот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.