Со симболична прошетка и хуманитарна трка (во должина од еден километар) во рамки на манифестацијата „Напред розово“ во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден, повеќе од 1.000 граѓани денеска во Градскиот парк во Скопје им дадоа поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства.
Сопругата на македонскиот претседател Маја Иванова на манифестацијата истакна дека ја радува тоа што розовата прошетка прерасна во традиција и веќе осма година по ред ја исцртува розовата панделка.
– Секоја година ја прифаќам поканата на најгласниот и најпосветениот борец против ракот на дојка, здружението „Борка – за секој нов ден“, давајќи ја мојата поддршка на една од најпрепознатливите манифестации „Напред розово“, рече Иванова.
Во оваа прилика им порача на своите сограѓанки да прават редовни самопрегледи и внимателно да ги слушаат и применуваат препораките на лекарите за превенција.
– Ако сте над 30 години, а досега не сте направиле, најдобронамерно препорачувам да направите мамографски прегледи. Дијагностицирањето на ракот на дојка во рана фаза значи поефикасно лекување и поголема веројатност за излекување! Не преговарајте сами со себе, не се убедувајте, туку постапувајте и слушнете го гласот на „борките“. Тие сведочат, тие ја споделуваат нивната приказна со сите предизвици и искушенија низ кои поминале. Не смееме да дозволиме да бидеме имуни на нивните зборови. Не смееме да ги занемариме нивните препораки, нагласи Иванова.
На „розовиот марш“ учествуваше и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска која истакна дека се тука за да покажат дека жените коишто се борат со ракот на дојка не се сами.
– Ова општество и оваа држава и сите ние, сакаме да дадеме поддршка и да покажеме дека превенцијата е важна, дека само прегледите спасуваат животи, а дека државата и здраствениот систем мора да направат се, за да им помогнат на сите оние коишто страдаат од оваа болест, да им помогнат полесно да се справат со неа, да се справат и со последиците на оваа болест, којшто одзема многу животи на жени и во Македонија, и во светот, изјави Шекеринска.
Котизацијата за учество на прошетката и хуманитарната трка изнесуваше 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, oбезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението.
Манифестацијата „Напред розово 2016“ се одржи по осми пат со поддршка на Американската амбасада и компанијата Пелистерка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.