Новиот државен универзитет „Мајка Тереза“, ќе почне со работа отприлика за две недели, во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје. Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу истакна дека матичните комисии веќе оствариле средба со 45-те професори кои се избрани да бидат дел од наставниот кадар, а за 39-те слободни места дополнително ќе се објават огласи за вработување.
За в.д. ректор на „Мајка Тереза“ избран е Азиз Положани, поранешен министер за образование, со мандат од шест месеци. Електронското пријавување на заинтересираните студенти ќе трае до средината на октомври, а во првата година, за сите пет факултети предвидена е бројка од 1.220 студенти.
Новиот објект за Универзитетот ќе почне да се гради во 2017 година, на местото на касарната „Илинден“, а новиот буџет за работа изнесува 80 милиони денари.
Универзитетот ќе работи на три јазици: македонски, албански и англиски, а во негов состав ќе има факултети за градежништво и архитектура, за технички и технолошки науки, за информатички науки и факултет за социјални науки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.