Петре Шилегов, гласноговорникот на СДСМ, застана со цел памет и дестилирана храброст да посочи кон ВМРО-ДПМНЕ како виновник за објавуваните телефонски разговори на албански јазик. Течно подготвен дека ќе успее во намерата да убеди кого било надвор од неговиот кампус дека ова истекување од фонотеката на Заев ќе може да го пришие на тезата „ВМРО прислушува“. Тоа е продолжение на омаловажувањето на јавноста сметајќи ја за маса со кратко помнење, кратковидост и неразбирање во политичките игри.
Но, не треба многу да се соберат два и два кому тоа му оди во прилог сега да се урива рејтингот на партиите на албанскиот блок и притоа да го покрие откриениот задник? СДСМ очајно се обидува да ја врати на сцена ситуацијата во која неодамна, со снимените делови од разговори преку интернет, Заев се сокри од изборите во април. Само што сега, откако агендата за поалбанчување на Македонија не му помина во јавноста, а со трговијата со пратеничките места ги десеткуваше демонстрантите, му остана само да се надева на албанските гласови при евентуален пад на рејтингот на ДУИ.
За потсетување, заевистите тргуваа со снимените разговори додека траеше јавното бомбардирање со разговорите; отворено уценуваа и рекетираа компании во државава; ги користеа за политичките чистки во опозицијата; го намирија македонското подземје вклучено во партијата за делкање пасоши и лични карти; издејствуваа продолжување на финансиската агонија на партијата со продолжување на истечениот хипотекарен рок; а сега партиската фонотека се користи за понижување на ДУИ за да може членството на СДСМ, колку-толку, со албанските гласови, а без местата ветени за градските молери, да оформи пратеничка група во идниот состав на парламентот.
Во целата ситуација во која платформата напишана од „повисоките од надвор“ предизборно му се удри од глава, СДСМ се фаќа за тоа што може. Како коцкари со туѓи пари, заевистите се ставени во пат-позиција да мора да се вадат, од една страна, држејќи се за платформата за која Заев го „подготвуваат подолго време“ и му се „дадени насоки и препораки“ (како што му пишува Заев на Мендух Тачи), а, од друга страна, да се обидат да не исчезнат од мапата на политичките партии поради поделбата на пратеничките места со демонстрантите.
Затоа се заигра на две очајнички полиња. Од една страна, преку контактите на независната новинарска, а сега нова партиска ѕвезда Мухамед Зекири беше активирано косовското подземје. Независно дали тој им ги предал разговорите или до нив само пренел што и како се очекува да одработат, емитувањето на разговорите на челниците на ДУИ преку социјалните мрежи коинцидира со времето на средбата на Косово. Од друга страна, за тие луѓе со кои се сретнал Зекири се знае дека биле блиски на неутрализираните групи во полициските акции „Бродец“ и „Диво Насеље“. Двете акции беа болни теми за Зекири и при неговото новинарско одработување. Дали притоа Зекири со оваа група договарал и друг ангажман во предизборието не е тешко да се предвиди, но тоа што е сигурно е дека не му било тешко да им ја продаде приказната дека ДУИ, со тоа што не застанале во одбрана на нивните браќа-соборци, заслужува да бидат цел на јавна дискредитација.
Во исто време, додека трае нападот врз ДУИ, Заев ја активираше и неговата Катица Јанева. Специјалната, црпејќи го легитимитетот од собранискиот состав којшто за неа е легитимен, ја замајуваше јавноста неколку дена со медицински контролиран настап во кој ги навредуваше пратениците, па ги молеше да ѝ овозможат бесконечност и неограничени можности. Притоа, секако, не кажа кој прислушувал, како прислушувал, дали го имало Заев на снимките, па и од каде повторно преку социјалните мрежи ги слушаме разговорите на Али Ахмети и другите од ДУИ ако Заев ѝ ги предал сите материјали? Јанева го одигра договореното и ја напушти седницата, со најава дека нема да се враќа. Исто како што пред шест месеци одлучи да не се појави да го одбрани извештајот за работа, ниту пред собраниската комисија, ниту пред Советот на јавни обвинители. Оваа собраниска епизода на Јанева сега беше во функција само и само како основа за Заев да може да го напише кукавичкото писмо до амбасадите, во обид за спас на кожичката.
Во целата игра на СДСМ дека „ВМРО прислушува и сега пушта разговори“, а МВР со партискиот генерален секретар Оливер Спасовски на чело нема да мрдне со прст заради повторното бомбардирање, сега СДСМ очекува да настане една нова состојба во која притисокот би требало да падне врз Јавното обвинителство на Марко Зврлевски. Секако, како дел од внесување раздор на старо-новата владејачка коалиција, како што покажуваат анкетите за изборите. Доколку, пак, ОЈО и делот од МВР повторно изненадат, онака како што изненадија во случајот со Захир Беќири Чаушот, дури тогаш би се активирале Јанева и СЈО, чијашто основна задача се токму нелегално снимените телефонски разговори во обид да ја испеглаат ситуацијата.
Во компјутерски инсталации на Чаушот беа најдени околу 70 илјади разговори, а според полицијата дел од папките на хард дисковите и преносните мемориски картички биле креирани дури и откако Чауш бил во затвор. Тогаш се посочија и врските на членот на СДСМ со другите подземја на Балканот, во Србија и во Косово. Не беше изненадување дека тие ќе излезат на виделина, ниту, пак, дека тоа во некој момент нема да биде употребено во корист на СДСМ.
Привидот дека СДСМ во овие 100 преодни денови ќе остави на привремената комисија за медиуми да се грижи за тоа дали некој недозволено влијае врз јавноста брзо падна во вода. СДСМ никогаш не можел да се подготви за избори без црна кампања, ниту без шурување со подземјето. Но, објавувањето на разговорите ниту досега му донесе, ниту отсега ќе му донесе политички рејтинг на Заев, барем не за тоа што го заговара. Веќе сѐ е јасно, само уште во СДСМ да се освестат дека албанизацијата на која се подготвени не минува ниту кај Албанците ниту кај Македонците. За тоа имаат, барем засега, уште седумдесетина денови.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 213. број на неделникот „Република“, 30.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.