Од сабота, 1 октомври, на сила стапува одлуката на ЗАМП за забрането емитување и на српска музика во македонскиот медиумски етер. Здружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП), на барање на Организацијата на српските музички автори СОКОЈ, од 1 октомври им забранува јавно емитување на музика од репертоарот на СОКОЈ на сите радио и телевизиски станици на територија на Македонија.
„Како што стои во известувањето на СОКОЈ, причините за донесување на одлуката за забрана за користење на репертоарот на СОКОЈ произлегува од фактот дека со издадената дозвола од Министерството за култура на РМ на организацијата СОКОМ МАП и предложениот од нивна страна Правилник со тарифа за користење на авторски музички дела е направено намалување за 50% во однос на јавното соопштување на авторските музички дела, споредено со предлогот на ЗАМП, а пак во делот на емитување и реемитување предлогот е за околу 100% понизок“, стои во соопштението на ЗАМП.
Тоа значи дека на радио и телевизија, освен македонска музика, од сабота нема да се слуша и гледа ниту српска музика. Музичките талент шоуа кои доаѓаат од соседството нема да смеат да се емитуваат. Гледачите остануваат без турбо фолк шоуто “Ѕвездите на Гранд”, омиленото семејно шоу “Пинкови ѕвездички”, а на неодредено време е одложен и почетокот на новите сезони на “Пинк ѕвезди”, “Гранд ѕвездички” и “Никогаш не е доцна”, кои со емитување во Србија започнуваат викендов. Покрај Сител и Канал 5, српски шоуа одат и на Алфа – Браво шоу, кое се репризира веќе две години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.