Првичните реакции по вчерашната прес-конференција на СЈО и отворањето на истрагата со име „Трезор“ се дека засега е нејасно како тоа се сомничат други лица ако фирмата на Kрпач е таа што наводно го оштетила буџетот. Истовремено, Kрпач се водеше како заштитен сведок на СЈО. Станува збор за лицето што пред извесно време изврши самоубиство во центарот на Скопје. Доколку тој и неговата фирма оствариле наводна незаконска имотна корист, како тоа се води истрага за други лица за кои не се презентирани докази дека имале удел во наводната малверзација.
Новата истрага на СЈО практично се базира на претпоставките дека четворицата осомничени наводно предизвикале штета врз буџетот при набавката на опрема неопходна за работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во ниеден момент не се оспорува безбедносната потреба на службите да располагаат со ваква опрема, како и нејзиното чинење на пазарот. Во ниту еден момент не се споменува ниту постои каков било доказ дека некој од осомничените за себе прибавил каква било имотна корист од набавката на опремата, велат извори за Дневник.
Напротив, СЈО наведува дека од набавката на опремата наводна корист остварила фирмата „Финзи“, која има деловни односи со производителот, односно британската компанија, а токму за Kрпач од истата фирма СЈО велеше дека имал извонредна соработка со нив и бил сведок, а не обвинет. Истовремено, во МВР веќе се говори за идентитетот на сведок на СЈО кој говорел дека во записникот од дадениот исказ никаде не стоело, ниту дека некој му наредил или му наложил што било, туку, напротив, говорел за тоа дека и тој бил предмет на закани од типот „ако не зборуваш како што треба, ќе завршиш како останатите“ или „помогни ни за да ти помогнеме“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.