| четврток, 6 декември 2018 |

СЈО отвори контрадикторна истрага базирана на претпоставки: Сведок на Катица Јанева профитирал од зделка спроведена на законит начин

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) предводено од Катица Јанева денеска преку нов контрадикторен настап соопшти дека е отворена истрага за случај со кодно име „Трезор“, кој се однесува на наводен економски криминал и во кој осомничени се три лица од УБК и едно од МВР. Контрадикторно  е тоа што од една страна СЈО изнесува тврдења за наводна штета на Буџетот во корист на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, но од друга страна фирмата и сопственикот кои наводно имаат корист од зделката се заштитени од Катица Јанева и СЈО јавно признава дека сопственикот имал извонредна соработка со нив и бил сведок, како и дека ја реализирал јавната набавка во име на МВР.  Овој факт најдобро ги открива вистинските мотиви на СЈО, односно нив практично не ги интересира ниту Буџетот, ниту измислената штета, туку конструирање на случај со кој лично би се дисквалификувале осомничените и би се фрлила дамка на целата служба.Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција информира дека овој предмет се однесувал на злоупотреба на средствата од Буџетот на Република Македонија, за што се осомничени три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи, во врска со набавка на електронско-комуникациска опрема и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија за потребите на Петтата управа на УБК. Како што рече Фетаи, тие го оштетиле Буџетот на РМ за 862.045 евра во корист на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

Новата истрага на СЈО практично се базира на претпоставките дека четворицата осомничени наводно предизвикале штета врз Буџетот при набавката на опрема неопходна за работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во ниеден момент не се спори безбедносната потреба на службите да располагаат со ваква опрема како и нејзиното чинење на пазарот. Напротив, целата набавка е реализирана согласно закон, односно согласно членот 7 од Законот за јавни набавки. Во ниту еден момент не се споменува, ниту постои каков било доказ дека некој од осомничените за себе прибавил каква било имотна корист од набавката на опремата.

Одговарајќи на новинарско прашање, обвинителката Ленче Ристоска рече дека Коста Крпач бил сведок на СЈО и за предметот „Трезор“, како и дека обезбедил информации и за други истраги и предмети кои ги истражува обвинителството.

Од друга страна, СЈО наведува дека од набавката на опремата наводна корист остварила фирмата „Финзи“, која има деловни односи со производителот, односно британската компанија. Токму СЈО во повеќе наврати, а истото го стори и на денешниот прес, потврди дека сопственикот на „Финзи“ имал извонредна соработка со нив и бил сведок, а не обвинет. Овој факт најдобро ги открива вистинските мотиви на СЈО, односно нив практично не ги интересира ниту Буџетот, ниту измислената штета, туку конструирање на случај со кој лично би се дисквалификувале осомничените и би се фрлила дамка на целата служба.

СЈО направи уште една кардинална, правно недозволива грешка, откривајќи го идентитетот на сведокот, за кој јавно кажаа дека ја реализирал јавната набавка во име на МВР.

-Постои основано сомнение дека откако го договориле начинот, условите и цената на набавката на опремата, прво и второосомничениот по враќањето во Република Македонија усно му наложиле на сведокот, кој е вработен во МВР, да започне со постапка за набавка на опрема од правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје и истата да се спроведе без примена на условите предвидени во Законот за јавни набавки, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Извори од МВР потврдуваат дека веќе целото Министерство гласно говори за идентитетот на сведокот и тој во разговор со колеги неофицијално им кажал дека во записникот од дадениот исказ никаде не стоело, ниту дека некој му наредил или му наложил било што. Напротив, неофицијално се дознава дека и кон него биле упатувани закани и уцени од типот „или си со нас или си против нас“, „ако не зборуваш како што треба, ќе завршиш како останатите“ или „помогни ни за да ти помогнеме“.

Од извори во МВР дознаваме дека целосно е измислен делот со обвинувањата во врска со обуките на вештите лица и одржувањето на опремата набавена од британската фирма. Според информациите на Курир поголем број вработени од УБК имале обуки и во Македонија и во странство кои траеле по десетина дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top