| четврток, 6 декември 2018 |

Почина Шимон Перес

Поранешниот претседател на Израел, добитник на Нобеловата награда за мир Шимон Перес, почина во 94. година од животот, две недели откако доживеа мозочен удар.

Во текот на кариерата тој беше скоро на сите важни функции во Израел.

Перес беше примен во болница на 13. септември и состојбата од почетокот беше сериозна, но стабилна, се додека вчера сериозно не се влошила.

– Перес почина во сон, во три часот – изјави неговиот личен доктор и зет Рафи Валден.

Перес беше еден од последните преживеани основачи на модерниот Израел. Роден во Полска, како Шимон Перски 1923 година, се доселил со семејството во Палестина на 11 годишна возраст.

Поранешниот претседател на Израел во почетокот на година двапати беше во болница поради проблеми со срцето.

Повеќепати беше премиер и претседател од 2007 до 2014 година.

Како круна на неговата работа како политичар се смета неговото заложување за решавање на судирот со Палестинците и потпишување на привремената мировна спогодба со палестинската ослободителна организација во септември 1993 година во Белата куќа, а потоа следеше и Договорот од Осло.

Нобеловата награда за мир ја доби во 1994 година заедно со премиерот Јицак Рабин и палестинскиот лидер Јасер Арафат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top