| четврток, 6 декември 2018 |

Признанија за најуспешните на Светскиот ден на туризмот

По повод 27 септември, Светскиот ден на туризмот, Министерството за економија им додели признанија на најуспешните туристички агенции, хотелиери, туристички манифестации и најдобро уредени плажи што ја одбележаа 2016 година.

Предлозите се направени заедно со туристичките здруженија и комори, со земање во предвид на извештаите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во делот на доделени субвенции за организиран туристички промет, како и активностите на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции.

– Секоја година по традиција на овој ден им доделуваме признанија на најуспешните, односно на сите актери кои имаат директен импакт во областа на туризмот. Туризмот е многу осетлива гранка и затоа е потребно поагресивно да се делува како во владините политики така и кај факултетите, хотелиерите, туристичките агенции, рестораните,…, изјави, Шофкет Хазари, државниот советник за туризам во Министерството за економија.

Тој нагласи дека како резултат на владините политики во последните 10 години туризмот пораснал за 140 отсто.

– Македонија пред неколку години беше непозната туристичка дестинација. Со сите мерки што се преземени во изминатите 10 години земјава станува препознатлива дестинација. Со мерките што ги презема Владата, усовршувањето на понудата на приватниот сектор и подобрувањето на едукацијата на туристичкиот кадар Македонија веќе е конкурентна во регионот и пошироко, потенцира Хазари.

Директорот на групацијата „Фибула ер травел“ во чиј состав е и хотелот „Изгрев“ во Струга, Асим Меѓедовиќ рече дека денешната манифестација е поттик за луѓето кои работат во сферата на туризмот.

– За да се зајакне соработката меѓу приватниот сектотор и релевантните  институции од областа на туризмот потребно е да се спречи нелојалната конкуренција во деловите каде гравитираат туристи, да се зголеми поддршката за претставување на саемите и во нив максимално да биде вклучен и приватниот сектор, да се организира поголемо претставување на земјава во странство со особено внимание на земјите кои може да донесат туристи во Македонија, рече Меѓедовиќ.

makedonija-turizam-520x292Нагласи дека изминатата туристичка сезона во Македонија била доста турбулентна и специфична како и во сите изминати години досега, но со зајакнат организациски дел на туристичките агенции и  хотелиерите и подобрена меѓусебна соработка и доверба.

– Се нудеа и специјални пакети со специјални понуди прифатливи за домашните туристи во нашите туристички места, но на тоа треба дополнително да се работи и да има поголема координација меѓу туристичките агенции и хотелиерите, рече Меѓедовиќ.

Менаџерот на хотелот „Скардус“ на Попова Шапка, Хашим Асани посочи дека наградите што денеска ги добиваат им даваат сила на туристичките работници да дадат посилен придонес за развој на туризмот.

– Се среќаваме со бројни проблеми, но со голема работа и труд ги разрешуваме. На Попова Шапка ние сме единствениот хотел што функционира. Четврта година работиме и носиме туристи иако немаме соодветна инфрастурктура, рече Асани.

Прецизира дека соработуваат со туристички агенции од земјава, од Косово, Албанија и Турција.

Директорот на „Караџа турс Балкан“ и на кичен бар „Гнездо“, Акам Махмут денешната манифестација ја оцени како добар поттик за туристичките работници.

– Ние сме специјализирана агенција за инкаминг туризам, а субвенциите што ни ги дава Министерството за економија придонесоа за подобро претставување на земјава во странство. Годишно носиме од 9 до 11 илјади турсити. Претежно работиме со Турција, но и со сите земји од регионот, рече Махмут.

turizam-plaketiДо сега, нагласи, секој од нас се трудеше со сопствени средства да го промовира туризмот во Македонија, а сега  средствата од субвенциите ни ги покриваат основните трошоци за тоа.

Признанија им беа доделени на 50 најуспешни претставници од туристичкиот сектор, во шест категории и неколку подгрупи, и тоа: најуспешни хотели за 2016 година, во сегментите нова туристичка понуда (3), квалитетна туристичка понуда (5), хотели во планински предели (4) и хотели со спа понуда (5); најуспешни ресторани (5); туристички агенции, во сегментите инкаминг (5) и аутгоинг (5); најуспешни туристички манифестации (7); најуредени плажи (5); соработка во областа на туризмот – факултети (5) и деловни здруженија/комори (6).

Годинава Светскиот ден на туризмот се слави под мотото „Туризам за сите: лица со хендикеп, стари лица и семејства кои патуваат со мали деца“, а официјалната прослава се случува во Бангкок, Тајланд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top