Седумдесет и осумгодишниот Н.О. од гостиварска Горна Бањица загинал во сообраќајна несреќа што вчеравечер во 20 часот и 25 минути се случила на автопатот Гостивар – Тетово спроти спортската сала кај Пирок, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според неговите досегашни информации пешакот бил удрен од засега непознато патничко возило со непознат возач што го напуштило местото на несреќата, а тој од задобиените повреди починал на самото место.
Смртта кај починатиот ја констатирал дежурен лекар од службата за брза помош кој пристигнал на местото а увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Тетово.
Според обвинителството телото на починатиот било предадено за обдукција.
– Истрагата работи на утврдување на идентитетот на возачот и идентификување на возилото што учествувале во сообраќајката, како и се друго поврзано со неа, посочи Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.