| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп и Клинтон денеска ќе ја имаат првата претседателска дебата

tramp-3

Доналд Трамп и Хилари Клинтон денеска во 21 часот по источноамериканско време (утре во 1 часот по Гринич) ќе ја одржат нивната прва дебата како претседателски кандидати, пренесуваат француските медиуми. Дебатата ќе се одржи шест недели пред претседателските избори, закажани за 8 ноември.

Ова ќе биде еден од најбитните моменти во предизборната кампања и повод за двајцата кандидати повторно да се претстават пред избирачите, кои во поголем дел не ги поддржуваат ниту единиот, ниту другиот, забележуваат француските медиуми.

Се чекува дебатата да привлече рекорден број гледачи, ако се има предвид дека во неа учествуваат толку спротивни личности како што се Доналд Трамп и Хилари Клинтон.

Дебатата ќе се одржи на универзитетот Хофстра, во градот Хемпстед, на Лонг Ајленд, на еден час од Њујорк. Тоа е класично место за одржување дебати и за оваа цел беше искористено во кампањите во 2008 и 2012 година.

Дебатата ќе трае 90 минути и ќе е поделена во шест дела од по 15 минути. Нема да има паузи за реклами. Во дебата ќе се зборува за управувањето и курсот на САД, просперитетот и безбедноста. Модераторот на дебатата секој дел од неа ќе го отвора со прашање по што секој кандидат ќе има две минути за одговор. Потоа двајцата кандидати ќе можат да реагираат на одговорите кои ги дале.

Модератор на дебата е познатиот новинар Лестер Холт (57), кој ги води ударните вечерни вести на телевизијата Ен-Би-Си, која, пак, е најгледана во земјата. Холт веќе беше модератор на дебатата за време на првичните избори на американските демократи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top