Агенцијата за катастар на недвижности денеска почнува со изработување бесплатни геодетски елаборати од најпогоденото подрачје од поплавите, село Стајковци, а со изработување бесплатни елаборати ќе бидат опфатени сите населени места од поплавениот регион. Агенцијата за оваа намена формира седум стручни тимови кои сочинуваат повеќе од 20 вработени геодети, а при посетата пријавените лица ќе пополнуваат барање за изработување бесплатен геодетски елаборат.
Ова денеска го истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески, кој рече дека Агенцијата досега има примено 229 барања за изработување бесплатни геодетски елаборати од страна на жителите на поплавените подрачја. Од овие барања, појасни, 57 се поднесени во Агенцијата за катастар на недвижности по писмен пат, односно граѓаните ги поднеле на шалтерите во Катастарот, додека 172 барања се пријавени преку контакт-центарот на Агенцијата за катастар на недвижности телефонски или преку електронска пошта.
Посочи дека во зависност од бројот на поднесените барања, стручните тимови ќе бидат на терен сѐ додека не се изврши и последото мерење и сето тоа ќе биде бесплатно за жителите од поплавените подрачја, а по завршувањето на мерењата следува канцелариска работа, односно изработување геодетски елаборат, по што истиот ќе биде доставен до странката.
Од Агенцијата информираат дека сѐ уште постои можност за пријавување за оваа мерка и затоа уште еднаш ги повикуваат граѓаните од поплавените подрачја кои поднеле барање за легализација до надлежната општина, а сѐ уште немаат доставено геодетски елаборат, да се јават во инфо-центарот на Агенцијата за катастар на недвижности на телефонскиот број 0800 80 800 – за лица кои се корисници на фиксни телефонски линии на Македонски телеком (02) 317-17-33 за лица кои се корисници на кој било фиксен и мобилен провајдер во РМ, и (02) 317- 38-25 за лица кои се корисници на кој било фиксен и мобилен провајдер во Република Македонија.
Владата на Република Македонија, во пакет-мерките за помош на граѓаните од поплавените подрачја, предвиде и мерка изготвување бесплатни геодетски елаборати за лицата кои поднеле барање за легализација на диво изграден објект.
По предлог на Агенцијата за катастар на недвижности, Владата го усвои Акцискиот план за изготвување бесплатни геодетски елаборати, додека Собранието на Република Македонија ги донесе измените на Законот за катастар на недвижности со кои се овозможи Агенцијата за катастар на недвижности да може да врши бесплатни геодетски мерења за недвижностите кои биле зафатени од природни непогоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.