Ниту Зоран Заев не верува во двојазичноста што ја промовира. Овој негов настап е продолжение на исполнувањето музички желби на спонзорот, „повисоките од надвор“, како што го именува во пораките до Мендух Тачи. Имено, не треба да си стручњак како генијалниот Кал Лајтман за да го препознаеш Заев кога лаже. Кога и да се обидел да пренесува туѓ став како негов, ја учи наизуст приказната дадена за пример со која го вежбале. И таа приказна за него станува вистина за која се фиксира.
Кога и да зборува за двојазичниот концепт, како и за слободата и за демократијата, Заев повторува не само иста приказна, туку и иста низа реченици и зборови во нив. Истиот збороред значи само испран мозок.
За овие избори „повисоките од надвор“ определиле главната платформа на опозицијата да биде прекројување на државата по вертикала и по хоризонтала и одекот на таа идеја во јавноста. „Повисоките од надвор“ го подготвувале Заев што да зборува и со која платформа да настапи. Ним не им е (беше) важно што ќе направи Заев на изборите, туку каков резултат ќе донесе овој експеримент при некое идно хипотетичко редефинирање на државата. Одѕивот на овие избори, реакциите на граѓаните по етничка, верска, старосна, образовна, по најразлични периметри ќе го измерат резултатот за овој концепт. И тоа им е (беше) долгорочно важно на „повисоките“, многу подолгорочно отколку Заев, кој е веќе пуштен во слободен пад.
Опитни зајачиња
Постојат и други индиции што покажуваат дека двојазичноста не е оригинална измислица на Заев. Нарачателите на концептот само го увиделе неговиот гранап-систем на сфаќање на светот, во кој ја сместиле сликата за подобро продавање ајвар и корнишони, ако се зборува со јазикот на купувачите. И токму тој ограничен гранап- светоглед на Заев не му дава јасна претстава што, навистина, предлага. Но, изјавите дека патриотизмот не му прилега на СДСМ, но и искуството со СДСМ за лесно прифаќање на промените на името, знамето, територијалната поделба, го направија Заев добра подлога за новиот чекор на „повисоките“ кон системско редефинирање на Македонија.
Немаат „повисоките“ верба само во Заев за целиот опит, тие имаат и друг субјект за тестирање на јавноста. Инсталацијата во судскиот систем одвреме-навреме се активира двојазично преку прес- конференциите на Фатиме Фетаи. Најавени како повеќејазични, не со превод туку со по една реченица на друг јазик, беше пробниот балон со кој се покажа на дело што сакал (требал) да каже Заев во интервјуто за косовските медиуми каде што тој на лош англиски вели дека тој „нема проблем“ децата да учат албански. Зар некому му влеваат доверба лошата театарска претстава и актерските способности на Фетаи при нејзините настапи? Живописната драматичност како од аматерски филм требаше да биде вовед во двојазичниот концепт, политички претставен од Заев и од заевистите во предизборието.
Секако дека нема ништо лошо во учење јазици, особено ако тоа ја олеснува комуникацијата во микросредината во која се живее. Меѓусебното учење на јазиците во Македонија не е новина од историски аспект, дали било албански, турски, влашки, македонски. Но, тоа е многу далеку и нема никаква допирна точка со концептот што како „прагматичност“ го налага Заев. Тоа повеќе личи на наметнатите јазици во образованието под српска, бугарска и грчка окупација во периодот на балканските војни и на Првата светска војна, отколку на градење добрососедско мултиетничко општество.
Јазикот, идентитетот, името
Целата приказна воопшто не е наивна и засега во моментот на непризнавањето на уставното име на Република Македонија од Грција, но и од нејзините сојузници во клубот ЕУ- НАТО во целина. Имено, на дел од нив не им е проблем билатерално да ни се обраќаат со Република Македонија, но доколку тоа во некој момент на поширока средба ги „навредува“ Грците, го користат ФИРОМ во обид да направат разлика со „територијата на Грција со исто име“. Проблемот со името за Грција е длабоко поврзан со културниот идентитет, кој, пак, гарантира посебност на Македонецот. Ако македонскиот јазик во Република Македонија ја загуби позицијата и се изедначи (само) со албанскиот јазик, тогаш би се загубило и местото и улогата на културната посебност на Македонците во Република Македонија. Особено во регистарот на ООН. За потсетување, во 2010 година беше направена измена во регистарот на ООН, па по македонска реакција беше „исправена грешката“ во делот што се однесува на македонскиот јазик. Место „Macedonian – македонски“, беше вметната формулацијата македонски, а во заграда беше наведено дека се работи за јазик на ФИРОМ. Исправката се случи еден ден по извинувањето на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, и по неговото ветување дека грешката ќе биде исправена.
И Ричард Ховит, уште еден докажан пријател на СДСМ, се обиде да чепкање во Уставот во однос на официјалниот јазик. На почетокот на 2014 година предложи Резолуција за напредокот на Македонија во која прво го избриша македонскиот јазик, а потоа се обиде да вметне двојазичност, преку загриженост за, наводно, постоење некаков вид ултранационализам, па оттука и важноста за промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина. Еден ден потоа, исто како и Заев, се објаснуваше дека не бил разбран или било лошо толкувано.
Двојазичноста – фаза кон федерализацијата
Не треба да се бара длабоко во историјата за да се види дека ваквите „проекти“ како пробен балон се пуштаа одвреме-навреме. Во март 2009 година, германската амбасадорка Урлике Марија Шулц пред студентите од Педагошкиот факултет се излета со платформата дека Македонија во ЕУ ќе влезе како „Северна“, а Македонците ќе го учат албанскиот јазик уште од градинките.
Во 2020 година ќе бидете членка на ЕУ. Ќе имате ново име – Северна Македонија. Владата ќе биде составена од партија со име Нова македонска партија, во која членови се Албанци и Македонци. Албанското население ќе го зборува македонскиот јазик, што е случај и денеска, а Македонците ќе го зборуваат албанскиот јазик, кој ќе го учат уште од детски градинки. Мислам дека ова е убава визија за земјата. Не е нереална, не е утопија. Може да се направи и пред 2020 година ако се работи на политички план – изјави Кноц, која потоа, исто така, се дообјаснуваше дека се работи за „симулација“ во која учествувале „млади луѓе од албанскиот дел на Македонија и од македонскиот дел на Македонија…“.
Тоа што сега Заев го претставува како „прагматичен“ концепт претпоставува измени во Уставот што во декември лани произлезе по анализата на Рамковниот договор во режија на Питер Фејт. Отцепените дуовци – Унитети, уште еден од партнерите на Заев, потоа ја пренесоа „препораката“ како барање за „закон за јазиците со кој ќе се дообјасни значењето на амандманот 5 на членот 7 од Уставот, со што албанскиот јазик ќе биде потврден за официјален јазик во Македонија“.
„Република“ веќе пишуваше за фазите по кои би течел проектот за федерализација на Македонија, кој би требало да опфати три фази. Со првата фаза е опфатена зголемена употреба на албанскиот јазик како официјален јазик во институциите, но и поделба по федерални единици, кантони, односно развивање на општините во „понапреден систем на самоуправување“. Со втората фаза се воведува двојазичност на целата територија на државата, а при „поделба на колачот на власта“ ветени се функции како претседател на Собранието, премиер или претседател на државата на партиите на Албанците во Македонија. Во оваа фаза би требало да се одвива и административно поврзување на федералните единици формирани во првата фаза. Третата фаза би значело само формализирање на федерализацијата на државата. Според ветувањето на Заев до неговите соработници, идната федерализација на државата, за чиешто име дополнително ќе се одредува судбината, етапно ќе би се одвивала во следните неколку години. Доколку се реализира концептот со кој сега се настапува, секоја реакција отпосле би завршила како и кампањата за територијалната прераспределба и тезата дека „некои прашања не заслужуваат одговор“. Последиците се чувствуваат денес.
Не е тајна дека Заев им ветил редефинирање на државата на албанските радикали, на Беса и на предводникот на радикалните албански иселеници. Тој зборува за двонационален идентитет уште во првото (и последно) интервју дадено за „Република“. Иако партијата се обиде тој став да го прикрие како последица на струмичката „граматика“, неговите чекори не оставаат простор за сомнеж.
Обидите за обезличување на Македонецот преку уривање на унитарниот карактер на земјата досега беа успешно спречувани поради цврстината на „кичмата“. Доколку во Регистарот на ООН, каде што се содржани основните податоци за секоја членка во светската организација, доброволно во графата јазик се смени придавката „македонски“, периодот кога Македонците како народ и култура „доброволно“ ќе бидат избришани од планетата Земја ќе биде прекраток.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 212. број на неделникот „Република“, 23.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.