| четврток, 6 декември 2018 |

Опозициски бараби

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Катастрофалното интервју на Катица Јанева за јавниот сервис, кое крена голема врева во јавноста, отвори многу сериозни дилеми за капацитетот на специјалната и за „новите професионални стандарди“ во МТВ, но, во исто време, успеа и да го одвлече вниманието на јавноста од двата големи скандалa на опозицијата – очајното интервју на Зоран Заев во кое (уште еднаш) најави воведување двојазичност на целата територија на Македонија и физичкиот напад на фотографот на „Република“ од партиски војници пред седиштето на СДСМ.

Дали интервјуто со Јанева е дел од стратегијата на српските сеачи на магла за одвлекување на вниманието од лидерот на опозицијата со цел спречување на слободниот пад на рејтингот на партијата или, пак, целта е да се пушти по вода за на нејзино место да се назначи некој друг од тимот, ќе покаже времето. Но, повеќе од јасно е дека одговорноста за катастрофалните реакции во јавноста не е во „Република“, ниту во „свиркачот“, туку во тие што ја натераа Јанева (читај наместија) да се појави во јавност. Вистинското прашање е зошто?

Опозицијата минатата недела се најде на жесток удар на јавноста по најавата на нејзиниот лидер дека планира да воведе двојазичност на целата територија. Не послаби критики доби раководството на СДСМ (пред сè од своите симпатизери) откако се објави дека се обезбедени пет-шест сигурни места на пратеничките листи за соросови платеници. Сето ова почна сериозно да се одразува на и така слабиот рејтинг на партијата, а капак на сѐ беше физичкиот напад на фотографот на „Република“ од партиски војници пред штабот на партијата. За овој невиден скандал до денес не добивме ниту извинување од „Павел Шатев“, ниту информација од МВР под раководство на Оливер Спасовски за текот на истрагата, ниту некаква реакција од „независните“ и „професионалните“ новинарски здруженија. Опозицијата го третира овој настан како да не се случил!

Во вакви очајни околности за Заев и за Соросовите платеници, интервјуто со Катица Јанева за МТВ им се погоди како „кец на десетка“ за да го оттргнат од себе притисокот на јавноста. Специјалната обвинителка е идеалната личност во моментов, која може да биде искористена како „инстант жртва за повисок интерес“, со оглед на фактот дека само таа може да има покатастрофален јавен настап од Зоран Заев.

Да бидеме на чисто. Не е тајна дека Катица Јанева е далеку под потребното ниво за вршење на оваа многу одговорна функција. Нејзиниот интелектуален и професионален капацитет одамна се проценети како слаби и од јавноста, но и од опозицијата и од нивните „надворешни пријатели“. Од тие причини, дури ѝ беше забрането да се појавува на јавни настани речиси од самото стапување на функцијата. Сè досега! Зошто? Тој што ѝ наредил на Катица да се појави на екран, сигурно, не го сменил мислењето за неа преку ноќ, ниту, пак, очекувал дека со ова интервју обвинителката ќе го подобри рејтингот кај граѓаните. Уште помалку дека ќе ги крене професионалните стандарди на јавниот сервис. (Особено не со вакво интервју.)

Ако ги исклучиме сите наведени причини, се поставува прашањето – што очекувале наредбодавците од интервјуто со Јанева?

За да ја имаме целата слика, треба да се одгатне уште една дилема – зошто главниот и одговорен уредник на информативната редакција олку важно интервју довери на новинар од понизок ранг? Да не се лажеме. Уредникот многу добро знаел на што ќе личи интервју во кое соговорникот чита подготвени одговори. При ваква ситуација ниту еден, ама баш ниту еден новинар не би сакал да биде од другата страна на масата. Освен ако не е натеран со сила. Од друга страна, ако уредникот, од професионални причини, сакал да му помогне на соговорникот-тремаџија да не изгледа трагикомично и да го спаси од јавно бламирање воопшто немало да дозволи да биде емитувано или ќе побарал повторно да се снима. Лицемерно е да ги „фрлиш в оган“ и гостинот и помладата колешка, а потоа да тврдиш дека интервјуто е професионално сработено. Но, со оглед на фактот што новинарските здруженија и соодветни медиумски институции молчат за применетите стандарди при снимањето на интервјуто, а реагираат на одлуката на „Република“ да ја објави немонтираната снимка, очекувам во најскоро време, врз основа на овој случај, да изработат и прирачник по кој ќе се водат новинарите за сите идни интервјуа. Зошто да не? Ќе научиме сите по нешто…

Да не е трагично, ќе биде многу смешно. Обидувајќи се да ја наместат Јанева, се изрезилија сите по ред. За неполн месец уредничката на јавниот сервис ја исполни својата желба – веќе сите зборуваат за нејзината работа. И ќе се зборува. Обидувајќи се да го скријат нејзиниот срам, Соросовите платеници по којзнае кој пат го покажаа целото лицемерство – на истите тие што две години се будат и заспиваат со преслушување на нелегално прислушувани приватни телефонски разговори, одеднаш им стана небитна содржината, како изгледа некој, како зборува, пишува, чита… Истите тие што бараа и поддржува закон за „свиркачи“, сега се настрвија на анонимниот извор и на медиумите што ја објавија снимката. Ова не им е првпат. Колку што е поголем срамот, толку се посилни во заканите и навредите.

Но, на сите овие лајачи, а и на тие партиски питбули од штабот на СДСМ можам да им порачам дека заканите и нападите не само што нема да нè исплашат, туку ќе нè охрабрат посилно да трагаме по одговори за кои сметаме дека се од интерес за јавноста. За сè друго можат да ни плукнат под прозорец.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top