| четврток, 6 декември 2018 |

Основниот суд Скопје 1 му го врати првото обвинение на СЈО

Обвинителниот предлог против лицата Г.Г. и други лица за кривичното дело „Фалсификување службена исправа“ нема акт за декласификација на доказите за потребите на судската постапка, соопшти Основниот суд Скопје 1

Поради процесни пропусти Основниот суд Скопје 1 го врати назад првиот обвинителен предлог на СЈО против седумтемина вработени во УБК.

„Судијата што треба да постапи по обвинителниот предлог во скратена постапка против Г.Г. и други лица осомничени лица за кривичното дело „Фалсификување службена исправа“ од чл. 361 ст. 2 в.в. со ст. 1 в.в. со чл. 22 од КЗ, поднесен од страна на Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), со допис ги врати доставените докази во прилог на обвинителниот предлог на СЈО.

Имено во дописот се наведува дека во прилог на доставениот обвинителен предлог против осомничените лица, доставена е и листа на докази и попис на списи со приемница, меѓутоа од содржината на пописот не произлегува дека е доставен акт за декласификација на доказите за потребите на судската постапка врз основа на кој класифицираните докази може да се користат во постапката, односно да може да се оцени основаноста на обвинението, со оглед на тоа што без ваков акт, истите не може да бидат користени од страна на судската служба, за оформување на списите на предметот“, соопшти Основен суд Скопје 1.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top