Барселона не успеа да го победи Атлетико Мадрид во големото дерби кое изминатава ноќ се одигра на „Камп Ноу“, но ремито (1:1) беше најмалку загрижувачко за фановите на каталонскиот гигант кои со големи главоболки ја проследија повредата на Лионел Меси.
Првата ѕвезда на шпанскиот шампион беше приморана да го напушти теренот уште во раната фаза на второто полувреме, а сериозното лице на Аргентинецот додека седеше на клупата не даде воопшто добри знаци за проблемите кои ги почувствува во мускулот.
Одговорните лица на Барселона не оставија ништо на случајноста и веднаш по натпреварот направија детален лекарски преглед, а по истиот е заклучено дека Меси ќе мора да направи пауза од фудбалските терени во наредните три недели.
– Меси има последици на бутниот мускул на десната нога по дуелот кој го имаше со годин. Времето кое ќе мора да го мине во мирување изнесува три недели – стои во официјалното соопштение на каталонците.
Ова секако е тежок удар за тренерот Луис Енрике со оглед на тоа каков згуснат распоред и следи на Барселона во наредниот период, или поточно, популарниот „Лучо“ нема да може да смета на својот најдобар фудбалер на четири натпревари.
Аргентинецот ќе ги пропушти натпреварите со Спортинг Хихон, Селта и Депортиво во шпанската Примера, додека нема да настапи и на средбата против Борусија Менхенгладбах во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.