| четврток, 6 декември 2018 |

Купувајте кристализиран мед – прогласена елементарна непогода во пчеларството

Годинава пчеларите се соочија со намален принос, со што им се направија загуби во производството на мед, па затоа од Пчеларската федерација побараа државата да ги зголеми субвенциите и секако, да помогне да се направи брендиран македонски мед

 

Најважно, според федерацијата, е да има услови за производство на квалитетен македонски мед што ќе може и да се извезува, но и да се заштитат крајните потрошувачи на кои им се нуди и мед од увоз и често не знаат да го утврдат потеклото.

-Скоро добивме информација дека во штипскиот регион се увезени речиси 40 тони мед, кои ја намалиле цената на 190 денари. Кај нас во големопродажба цената е над 250 денари за килограми, а бидејќи ова е слаба година, останавме на заштитена цена од 350 денари, рече на прес-­конференција Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија.

Според него, со помош на државата треба да се направи брендиран македонски мед.

Во Македонија постојат над 8.000 пчелари со повеќе од 260.000 пчелни семејства. Годинава, според сознанијата на Пчеларската федерација, просекот на добиен мед е многу слаб со само 1,8 килограми презимено пчелно семејство и 7,3 килограми од селидбено пчеларење.

-Пчеларската федерација на Македонија прогласува елементарна непогода во пчеларството за 2016 година и ќе бара помош од државата за спас за презимување на пчелите и пчеларството, рече Марков.

Според него, државата треба да го зголеми субвенционирањето од 600 на 1.000 денари, надоместот што го дава за пчелно семејство, вклучено за производство на пчелни матици, да обезбеди садници за пошумување со медоносни растенија.

За самостоен бизнис во пчеларството, со приходи за едно домаќинство се потребни најмалку 200 пчелни семејства, но да биде ориентиран и со другите пчелни производи.
Според Сашо Ѓуровски, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за повисоки приноси треба да се практикува селидбено пчеларење и да се користи селектирана матрица.

-Лани просекот на едно пчелно семејство е под 10 килограми мед. Тоа покажува дека климатските промени си го прават своето. Но, климатските промени влијаат и низ цела Европа. Ако ја споредиме со која било земја Македонија убедливо води со најнизок принос по пчелно семејство, но за висок принос е потребно и селидбено пчеларење и да се користи селектирана матица, рече Ѓуровски.

Најсигурно за потрошувачите, укажуваат од федерацијата, е да купуваат мед само од познат пчелар во кој имаат доверба. Медот што го купуваат треба да биде компактен и проѕирен, со иста структура во теглата. При отворање на теглата треба да има специфичен мирис на мед.
„Ако не знае некој од кој да купи мед, треба да побара тој да биде кристализиран. Тоа му е една поголема сигурност, истакна Венче Билбиловски, претседател на Организацискиот одбор на 12. манифестација „Денови на македонскиот мед“, што ќе се одржува од денес до сабота на ул. „Македонија“.

Според статистичките податоци, во Македонија на годишно ниво се троши само 700 грама мед по глава на жител, во Германија потрошувачката е 9 килограми, а во Јапонија 16 килограми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top