Еден од најреномираните современи автори од Естонија, Тијт Алексеев, добитник на Европската награда за литература, е гостин на Издавачката куќа Готен по повод објавувањето на романот „Поклонение“, во едицијата „Алказар“. Во рамките на гостувањето, ќе се одржат два промотивни разговори, на кои на публиката ќе ѝ биде претставен овој несекојдневен автор на далечната естонска литература.
Најпрвин, романот на Алексеев ќе биде промовиран во Струга, во четврток, 22 септември, во 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Во Скопје промотивната дискусија ќе се одржи во просториите на ЕУ инфо центарот, во петок, 23 септември, во 19 и 30 часот, на тема “Што е ново под сонцето: историја, геополитика, љубов и војна?“, на која учесник ќе биде и најпреведуваниот македонски автор Гоце Смилевски, кои со естонскиот колега ја споделува пасијата за историски романи, но и престижната европска награда.
Во рамките на својот престој во Скопје, Тијт Алексеев, кој е претседател на Друштвото на писатели на Естонија ќе оствари средба со здружението на Независни писатели на Македонија, разменувајќи идеи за соработка меѓу двете литератури.
Гостувањето и преводот на книгата од Тијт Алексеев е овозможено преку програмата Креативна Европа на Европската унија во рамките на проектот „Подлабока Европа, поширок опсег“ во која на македонски беа преведении дела од помалку познати книжевни средини, како малтешката и естонската.
Тијт Алексеев, естонски романсиер и драмски писател, роден во 1968 година, дипломирал историја на Универзитетот во Тарту, каде што исто така се здобил со магистратура по средновековна историја. Тој работел како дипломат во Париз и Брисел, а во моментов живее во Талин. Неговиот прв расказ, Мирот од Тарту ја освои годишната награда на естонското книжевно списание Луминг во 1999 година. На Белото Кралство, трилер чие дејство се одвива во Париз и во Авганистан во 1980 година, му беше доделена награда Бети Алвер во 2006 година за најдобар дебитантски роман. Неговиот втор роман Поклонение ја освои наградата на ЕУ за литература и беше преведен на неколку јазици (италијански, унгарски, фински). Во 2011 година, тој го објави третиот роман Упориште. Тие се првиот и вториот дел од она што треба да стане трилогија. Неговата прва пиеса Легионери, за паднатите борци на Естонската легија, се појави во 2010 година и беше премиерно прикажана во 2013 година во Раквере. Таа ја доби книжевната награда Вирумаа во 2011. Уште една историска драма, Кралевите беше објавена во 2014 година и го тематизира убиството на четирите естонски кралеви за време Ѓурѓовденското востание (1343).
Од април 2016 година, Тијт Алексеев е претседател на Друштвото на писатели на Естонија.
Тијт Алексеев е сосема необичен автор во естонската книжевност. Не по тоа што неговите дела се исклучително експериментални, туку по обратното, по тоа што тој посега по добрата, веќе етаблирана, иако не и во Естонија, жанровска литература. Неговото прво дело Белото кралство е шпионски трилер, што се одвива во дипломатските кругови во Париз. Дотогаш непубликуван жанр во естонската литература. Со вториот роман, Поклонение, се сврте кон историографската метафикција. Нурна длабоко во средниот век, нешто што исто така е реткост. Романот раскажува за светот на крстоносните витези, длабоко контемплирајќи над вредностите што ги мотивирале витезите-монаси, истовремено мешајќи елементи од трилер и шпионска афера, слично на манирот на великанот Умберто Еко. Сепак, книгата својата вредност ја стекна како приказна за љубовта и лојалноста, предавството, човечките односи и етичките идеали. За да го напише Поклонение (2008), Алексеев десет години собирал материјал и ги посетил локациите на главните битки во Светата Земја. Романот е базиран на хрониките за Првата крстоносна војна во 11-тиот век, со Ерусалим како сон во нивните глави. Главниот лик е обичен војник од непознато потекло од некоја земја далеку на север, кој под името на неговиот пријател Дитер е еден од поклониците-војници на Грофот од Тулуз и е оној кој учествуваше во освојувањето на Антиохија со помош на предавство . Романот зборува за важноста на меѓучовечките односи, како и за лојалноста, љубовта, пријателството. Точноста на реконструкција на средновековниот свет ни ја раскажува приказната за моралните вредности на тоа време. Дитер ја прераскажува својата приказна како стар манастирски градинар од јужна Франција. Интересните медитативна визии, внатрешните монолози и особено прашањето поради кои идеали луѓето решиле да заминат на поклонение и да се изложат на големо страдање, го создава психолошкиот преглед на внатрешниот свет на крстоносците, во исто време давајќи добар преглед на тоа како била планирана крстоносната војна, изведена и образложена. Книгата е своевидна карта и хронологија на оваа крстоносна војна; тоа е длабок поглед во историјата на европската мисла со продорна психологија, а сепак тоа е, исто така, и интензивен историски трилер, повторно многу живописен, со измешани чувства од долгитеденови на патување и водење битки, со вкусот на крвта и копнежот за љубов. Алексеев не пишува само за собиитијата што одамна ги нема, тој пишува за крстоносните војни, без разлика дали се средновековните или оние од денешенните времиња, конфликтите меѓу Истокот и Западот, со уникатен и убави јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мицкоски: Власта на шверцерски начин создаде манипулативно референдумско прашање
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
Југословенско драмско позориште гостува во МНТ со претставата „Ајнштајновите соништа“
-
Во МНТ гостува претставата „Царство небеско – епика балканика“