| четврток, 6 декември 2018 |

Дурловски и Нацоски настапуваат на премиерата на „Турандот“ во Макао, Кина

Првенците на Македонската опера и балет, басот Игор Дурловски и тенорот Благој Нацоски,  ќе бидат дел од 30. издание на Интернационалниот музички фестивал во Макао, којшто грандиозно ќе се отвори со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини . Од 1 до 4 октомври 2016 година, Дурловски во улогата на Тимур, додека Нацоски во улогата на Понг ќе настапат заедно со врвна екипа составена од интернационални солисти, меѓу кои и добро познатите Руди Парк во улогата на Калаф, Лана Кос и Валерија Сепе во улогата на Лиу. За естетиката и тензијата на ова ремек-дело ќе се погрижат познатиот италијански режисер Џанкарло дел Монако заедно со Вилијам Орланди како сценограф и костимограф. Џанкарло дел Монако, исто така, е добро познат на македонската публика со премиерата на „Турандот“ во МОБ на 25 март оваа година.

Остануваат уште две недели од подготовките за отворањето на фестивалот, а Дурловски и Нацоски го изразуваат своето задоволство што токму двајца Македонци се дел од оваа продукција и претставници на нашата земја на овој интернационален фестивал во Кина.

Турандот е напишана од брилијантниот италијански композитор Џакомо Пучини, опера во која е проткаена темата на љубовта, омразата и смртта а воедно исполнета со фасцинантни и популарни арии, меѓу кои е најпозната „Nessun Dorma“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top