| четврток, 6 декември 2018 |

Предлог-буџетот за 2017 денес пред Собранието: Рекордни капитални инвестиции, економски раст, зголемени пензии

%d0%b1%d1%83%d0%b3%d0%b5%d1%82

Владата на Република Македонија го донесе Предлог Буџетот за 2017 година и истиот веќе утре ќе го достави до Собранието.

Предлог Буџетот за 2017 година е развоен со рекордно ниво на капитални инвестиции, повисоки за дури 20% во споредба со оваа година, истакна министерот за финансии Кирил Миновски кој на јавноста и ги соопшти деталите за новиот Буџет.

-Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3% следната година. Сметам дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот – кои ќе влијаат на успорување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба – односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори. Растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, кој се предвидува да забележи реален раст од 6%. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7%, со што нето-извозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст. Бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5%. Приватната потрошувачка очекуваме да се зголеми за 2,1%, а јавната потрошувачка за околу 1,3%. Стапката на инфлација во 2017 година ќе остане ниска на ниво од 1%. Вработеноста очекуваме да се зголеми за 1,8%. Просечната бруто плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8%.  Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2017 година се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6% повеќе во однос на 2016 година. Вкупните даночни приходи се очекува да забележат раст од 9,5% во однос на 2016 година, од кои персоналниот данок треба да оствари раст од 9,3%, данокот на добивка од 16,1%, ДДВ раст за 10%, акцизата за 12,7% и царината за 2,5% во однос на 2016 година, рече Миновски.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5% повеќе во однос на годинава. Од нив за тековни расходи се планирани 179,26 милијарди денари или раст од 2,4% во однос на 2016 година.

-Во рамки на тековните расходи се планирани 26,77 милијарди денари за плати. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во истите е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5% почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 555 милиони денари. За здравствена заштита се планирани средства во износ од 26,4 милијарди денари. Предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата за социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 7,8 милијарди денари, рече Миновски.

Рекорден износ за капитални инвестиции

Миновски потенцира дека капиталните инвестиции се планирани на рекорден износ од 26,95 милијарди денари и имаат приоритетно значење во креирањето на фискалната политика, подобрувањето на економските перформанси и квалитетот на живот на граѓаните.

-Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на  автопатот на Коридор X и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина  и правосудството, рече министерот за финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top