Корејскиот изведувач Псај светската јавност го запозна преку неговиот хит „Гангам стајл“ кој се искачи на врвот на топ-листите и стана сензација на „Јутуб“. Видеото денес има над 2,5 милијарди прегледи.
Вистинското име на Псај е Парк Ји Санг, а песната со која се прослави влезе и во Книгата на Гинисови рекорди. Дури и Јужна Кореја се најде во центарот на вниманието заради него, а Псај им стана и неофицијален амбасадор на туризамот. По големиот хит следеа неговите две песни „Џентлмен“ и „Хенговер“, кои ниту од далеку не успеаја да му се доближат на успегот на „Гангам стајл“.
Сепак, Псај призна дека големата слава и тоа како влијаела на него, па се оддал на алкохолот. Во едно интервју, тој неодамна изјавил дека сѐ уште не може да ја искорени зависноста со која веќе со години се бори.
– Вотката е мој најдобар пријател. Кога сум среќен пијам, а кога сум тажен, повторно пијам. Кога врне пијам, а ако има сонце, пак пијам – изјавил тој и додал дека не консумира алкохол единствено кога е мамурен.
Псај имал тешко детство, не се сложувал со својот татко, а во младоста завршил и во затвор заради консумирање марихуана. Инаку, во хитот кој сѐ уште се слуша, „Гангам стајл“ всушност претставува елитен кварт во Сеул кој музичарот го исмејува.
– Гангам би можел да го споредам со Беверли хилс бидејќи во него живеат богатите и славните. Но жителите кои од поодамна се во Гангам, никогаш нема да се пофалат со своето потекло, за разлика од новите богаташи кои се опседнати со својот изглед, пари и модата. Јас зборував за тие позери, за луѓето кои очајнички се трудат да бидат нешто што не се – објаснил тој за пораката во неговиот хит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.