ИФФК „Браќа Манаки“ одлучи да не се реализира вечерашниот перформанс на режисерот Мартин Кочовски.
На денешната прес-конференција во Битола, директорот на Фестивалот Благоја Куновски-Доре истакна дека Фестивалот нe ја ограничува слободата на атрактивниот израз и дека и во иднината ќе ја поддржува.
– Концептот кој беше планиран за перформансот во траење од 5 минути во рамките на програмата за свечено затворање на фестивалот, односно планот на авторите на сцената да остават отпад од неколку килограми праски, сливи, дињи и неколку килограми мед и половина кубен метар огревно дрво, а за кои за да се расчистат од сцената е потребно време со кое се оддолжува почетокот на церемонијалот за доделување на наградите за најдобрите кинематографери на годинaшниот фестивал. Со цел да се избегне ова оддолжување на свеченото затворање за минимум 20 минути потребни за чистење на сметот од сцената и поставување систем на озвучување, ние одлучивме да го откажеме перформансот – рече Куновски.
На средбата со новинарите директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ предочи дека фестивалот никогаш немал намера да ограничи слободата на атрактивниот израз на авторот што како што рече Куновски беше забележливо за време на отворањето на фестивалот кога авторот беше поддржан во реализацијата на пеформансот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.