| четврток, 6 декември 2018 |

Пријавени ошетувања од земјотресите на 2.500 објекти, досега проверените се безбедни

steta

­ На 150 објeкти од државен интерес досега е извршена процена на безбедноста по земјотресите во Скопје и околината, при што Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) не утврдил конструктивни оштетувања и се безбедни. Станува збор за здравствени, образовни, деловни државни објекти…

Од ИЗИИС информираат дека нивни тимови вршат процени и на објекти за кои општинските комисии констатирале конструктивни оштетувања.

На терен за процена на безбедноста на објектите ИЗИИС ангажира петнаесетина тимови, кои работат наизменично зависно од тековните ангажмани.

До надлежните институции досега се пријавени оштетувања на 2.500 објекти за индивидуално и колективно домување и објекти од државен интерес. По земјотресите на телефонскиот број 195 на Центарот за управување со кризи имаше пријави за оштетени покриви, фасади, распукани ѕидови, искршени прозорци, а регистрирани се и оштетувања на патнички возила.

Скопје и околината од неделата беа погодени од серија земјотреси од кои најсилниот беше со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top