По повод 25 годишнината на независноста на Република Македонија, македонската амбасaда во Астана, во соработка со КАЗ-МАК Асоцијацијата, во периодот од 1 до 8 септември организираше Денови на македонската култура во Казахстан, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Инаку, овој јубилеј се поклопува и со 25 годишнината на независноста на Казахстан.
Во рамките на одбележувањето беа организирани два гала концерта со познатата македонска етно група Синтезис во Алма Ата и Астана, отворено Македонско катче при Националната академска библиотека на Казахстан во Астана и две ексклузивни дегустации на македонски вина.
Македонско катче содржи 135 тома македонска литература на повеќе јазици, кои се подарок од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, со желба да се подигне нивото на културна соработка меѓу двете земји.
На дегустациите, беа претставени дел од врвните македонски вина. На настаните присуствуваа најголемите компании за дистрибуција на вина, како и претставници на врвни ресторани и хотели, кои прв пат ги вкусија квалитетните македонски вина и покажаа интерес да ги вклучат во нивните листи со винска понуда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.