| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Во Владата нема дуализам за името

Macedonia's Defense Minister Fatmir Besimi attends a summit in Pec

Во Владата нема дуализам меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Посетата на Грција е во својство на заменик-претседател на Владата за европски прашања и е во функција на создавање клима на соработка, доверба што е од корист за двете страни – вели во интервју за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

За впечатокот во јавноста дека грчката страна полесно се решава на средби со претставници на македонската Влада, кои се од ДУИ, а некако ги одбегнуваат средбите со македонските претставници, Бесими вели тоа не е корисна теза.

– Оваа теза, посебно во Македонија, не е корисна, затоа што ние сите сме претставници на една влада и работиме во интерес на граѓаните на РМ, а тоа е евроатлантската интеграција, како еден од стратегиските приоритети. Со самиот факт што ние сме ги прифатиле овие ресори, претходно одбрана, а сега и евроинтеграции,  мора да ја вршиме нашата агенда и да придонесеме Македонија да покаже напредок. Тоа е генерален став и секој во Владата во својот дел треба колку што може да помогне во успешна реализација на својата агенда, своето портфолио. Во тој дел спаѓа и комуникацијата со Грција во однос на овие прашања. Што се однесува до средбите битно ни е, пред сѐ, да создадеме клима на соработка, да градиме одреден степен на доверба при што од средбите и двете страни ќе имаат корист – оценува вицепремиерот во интервјуто, кое МИА денеска целосно ќе го објави.

На прашањето за самата посета, тој посочува дека главната цел беше да се разговара за европската перспектива на Република Македонија, особено пред Самитот на Европскиот совет во јуни, како и да придонесе за зближување на односите меѓу двете земји. Тоа што беше важно, подвлекува, е заедничкиот заклучок дека европската перспектива останува најдобрата алтернатива за регионот и дека тие ја поддржуваат РМ во тој процес.

Прашањето за името, пак, било разгледано во контекст на евроинтеграциите.

– Во однос на прашањето за името, кое не е директна тема, но се наметнува во разговорите за европските интеграции, заклучивме заедно дека е потребно што побрзо изнаоѓање решение, прифатливо за двете страни, и дека процесот, кој се одвива во рамки на ОН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц, треба да се забрза до конечно решение, кое би значело прогрес во евроинтеграцијата на Македонија. Инаку, во однос на официјалните преговори се знае дека тие се водат во рамки на ОН, а ваквите посети се важни за да се даде позитивен импулс на климата, да се создадат повеќе можности за комуникација, градење заемна доверба, создавање клима на конструктивна соработка, која може да помогне во иднина за процесот, за да се реши тоа прашање. Во тој поглед не треба да има дилема дека има какви било паралелизми во тој процес. Напротив, ние треба да функционираме во рамките на нашите надлежности и да го дадеме својот придонес во овој процес што е од исклучително значење за сите граѓани на РМ, истакнува вицепремиерот задолжен за евроагендата.

Според Бесими, на средбата со Аврамопулос не станало збор за последниот предлог на посредникот Нимиц.

– Ние во однос на прашањето за името рековме дека треба побрзо да се реши и во тој контекст се очекува во наредниот  период од двете страни, како што е нагласено од Нимиц, да ги дадат своите позиции со цел процесот да може да се движи понатаму. За содржината, секако, останува тоа да се процесира во рамки на регуларните преговори и тоа е најдобриот пат – вели вицепремиерот Фатмир Бесими.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top