На Фестивалот за филмска камера денеска се говореше за трендот на снимање филмови по принципот на регионална копродукција, а се претставија и снимателите на филмовите „Белџика“ и „Бенг Генг (Модерна љубовна приказна)“, како и снимателот на документарниот филм „Добитна комбинација“.
За производството филмови по принцип на регионална копродукција, говореа Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенција за филм н РМ, Бобан Јевтиќ, директор на Филмски центар Србија, Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија и Павлина Желева, продуцентка и филмска критичарка од Бугарија.
На коментарот од Влатко Галевски, филмски критичар, дека не се внимава на квалитетот на филмовите, туку примарната цел е да се извлечат пари од фондовите, а тие, пак, неретко не се водат од квантитет и затоа од балканските држави често излегуваат неквалитетни филмови, говорниците реплицираа дека влегувањето во копродукција е и еден вид гаранција за квалитетот на филмовите, бидејќи филмскиот проект на тој начин добива евалуација од повеќе држави, а на крај и од европскиот фонд „Еуримаж“.
Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Агенција за филм на Македонија се заблагодари за поканата на фестивалот и идејата да се направи ваква презентација за регионалните копродукции и ги објасни предностите на ваквата соработка помеѓу државите.
-Би сакала да истакнам дека во последно време, не само ние како балкански регион, туку се повеќе и во пошироки европски рамки, регионалните копродукции се гледаат како вистински нов модел на филмска продукција, каде што навистина е многу олеснета целокупната соработка. Олеснета е соработката помеѓу продуцентите, како и институциите задолжени за финансирање на филмските проекти. Морам да кажам дека соработката и поддршката помеѓу балканските држави е многу значајна од аспект на отворање на нови можности на филмските професионалци и размена на искуства, како и за присутноста на балканската кинематографија на европските фестивали – рече Ѓоргоска – Илиевска.
Ненад Дукиќ, филмски критичар и продуцент од Србија, истакна дека копродукциите се неизбежни пред се од финансиски аспект.
-Секако дека режисерите најмногу би сакале да го снимаат филмот само во една држава, бидејќи копродукцијата ги прави работите понепредвидливи за режисерите. Финансирањето е клучната причина што се одлучуваат на таков чекор – рече Дукиќ.
Павлина Желева, долгогодишна филмска критичарка од Бугарија, која што работи и како продуцентка, истакна дека обиди за соработка помеѓу балканските држави имало одамна, на ниво на средби и разговори. Желева вели дека во моментов таа визија за соработка која ја имале тогаш сега е овозможена и финансиски со помош на европските фондови.
-Луѓето од Балканот меѓусебно одлично се разбираат, како јазично, така и по култура и менталитет. Така што, мене ми претставува големо задоволство да соработувам со државите од овој регион – вели Желева.
Бобан Јевтиќ, Директор на Филмски центар Србија, помеѓу една од главните придобивки на копродукцијата, ја истакна помошта во дистрибуцијата, која на балканските простори е секогаш најслабата алка.
-Балканските филмови секогаш биле слаби со дистрибуцијата. Тоа е полето на кое што треба да се поработи, а сметам дека копродукцијата овозможува многу подобра дистрибуција – рече Јевтиќ.
Говорниците на прес-конференцијата соопштија дека работат на иницијативата да се формира Балкански филмски фонд, кој ќе овозможи снимање филмови независно од буџетот што истите ќе го добиваат од националните фондови и агенции за филм во балканските држави.
На денешната прес-конференција, уметничкиот директор на фестивалот, Гена Теодосиевска, го претстави Гералд Керклец, кинематографер на австрискиот филм „Добитна комбинација“ во режија на Даниел Хоесл.
Филмот „Добитна комбинација“ е снимен на многу интересен начин, надвор од сите стандарди во филмската индустрија, пред се, од аспект на финансирањето.
Керклец најпрво го изрази задоволството од можноста да присуствува на фестивалот.
-Драго ми е што сум поканет на фестивалов, одлично си поминувам во Битола, луѓето овде се многу топли. Исто така, многу е значајно што на фестивалов кинематограферите добиваат шанса да комуницираат меѓусебно и да разменат искуства, што не се случува често – рече Керклец.
Гералд Керклец објасни дека „Добитна комбинација“ е нискобуџетен филм кој е финансиран од повеќе уметнички фондови, наместо од некој голем филмски фонд. Исто така, режисерот не ја започнал идејата и реализацијата на филмот со вообичаеното сценарио, туку најпрво направил кастинг, а потоа целиот тим постепено ја градел приказната, што не би можело да се изведе доколку аплицирале кај стандардните филмски фондови.
-Немаше никаква хиерархија, сите беа подеднакво платени, режисерот, актерите и тимот. Да се работи на нискобуџетен филм подразбира две крајности, од една страна има малку пари, а од друга страна ја имате слободата – вели Керклец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.