Во сабота, 17 септември, со изведбата на претставата „Медеја“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов, а во продукција на ФАД „Стоби“ свечено ќе биде отворен 15. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
Од 17 до 26 септември, на сцената на Театар „Џинот“ Велес, во официјалната програма на фестивалот ќе бидат изведени девет претстави, од кои седум во натпреварувачкиот и две во ревијалниот дел.
На 18 септември, студентите од ЕСРА во класата на проф. Мето Јовановски ќе ја изведат испитната претстава „Животот е магичен круг“. На 19 септември, на програмата на фестивалот е претставата „Тројанки“ на Драмскиот театар од Казахстан, а на 20 септември „Херострат“ на Театарот од Ниш, Србија.
Претставата „Жени од подземјето“ во продукција на ФАД „Стоби“ е на 20 септември, а на 23 ти настапува Театарот од Охрид со „Парламентарки“. Театарот „Сфумато“ од Софија, Р. Бугарија, на 24 септември ќе ја изведе претставата „Медеја, мајка ми“, а на 25 септември е последната претстава од натпреварувачкиот дел „Антигона и Креонт“ во копродукција на „Театарот на навигаторот Цветко“ и „Кино Култура“.
На свеченото завтворање на фестивалот, на 26 септември, а во чест на наградените, ќе биде изведена претставата „Тесната, бесната и лесната“, во продукција на ФАД „Стоби“.
За четирите награди на фестивалот (за најдобра машка и женска улога, режија и претстава) ќе решава стручната жири-комисија во состав: Катерина Коцевска – актер, Атила Клинче – актер и Деан Дамјановски – режисер.
Сите претстави на фестивалот се со почеток во 20 часот, а билетите ќе бидат пуштени во продажба од утре на билетарницата на Театар „Џинот“ Велес по цена од 100 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.