По повод одржувањето на Европската недела на спортот, Република Македонија преку Агенцијата за млади и спорт директно се вклучува во одбележувањето на овој голем настан со голем број спортски манифестации кои ќе ја одбележат Европската недела на спортот.
Денеска во 11.00 часот, на фудбалското игралиште на ФК Локомотива до СЦ Борис Трајковски во Скопје ќе се одржат два фудбалски натпревари и тоа: женски фудбал – основни училишта и машки фудбал – средни училишта.
Во сабота во 17.30 часот на плоштадот Филип 2 во Скопје, ќе се одржи главната манифестација „Европска недела на спортот” со мото #БИДИАКТИВЕН на која свое учество ќе земат 25 национални спортски федерации- Триатлон, Бадминтон, Велосипедска, Атлетска, Стрелачка, Карате, Риболовна, Кик боксинг, Традиционално карате, Спортско качувачка, Планинарски спортови, Мечувалечка, Кајакарска, Аикидо, Боречки спортови, Џиу џица, Универзитетска, Таеквондо, Боди билдинг, Џудо, Самбо, Одбојкарска, Ракометна, Кендо-Иаидо и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
На овој голем спортски настан ќе бидат презентирани спортските активности на овие федерации, каде најмладите ќе имаат можност да се запознаат со вештините на овие спортови.
Целта на овој настан е да се зголеми свеста на младите, децата и на пошироката јавност за важноста на вклучувањето во рамките на активностите на училишните, универзитетските и спортските клубови, како и промоција на физичките активности во насока на подобрување на здравјето, соопштуваат од Агенцијата за млади и спорт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.