Словенецот Александер Чеферин е избран за нов претседател на УЕФА на денешниот 12. Конгрес на Европската фудбалска организација што се одржа во Атина. За него гласаа 42 делегати на Конгресот на УЕФА, односно претставници на националните федерации, победувајќи го Михаел ван Праг, претседателот Фудбалската федерација на Холандија, кој доби 13 гласа.
Чеферин доаѓа како наследник на Мишел Платини, кој доби суспензија од ФИФА поради мито и корупција, и денеска и официјална ја понуди својата оставка до Конгресот на УЕФА. Словенецот ќе биде на кормилото на УЕФА во наредните две и пол години, се до наредните редовни избори за нов претседател на Европската куќа на фудбалот. Тој е седми претседател на УЕФА во историјата, по Данецот Ебе Шварц, Швајцарецот Густав Видеркер, Италијанецот Артемио Франки, Французинот Жак Жорж, Швеѓанецот Ленард Јохансон и Французинот Мишел Платини.
Словенецот Александер Чеферин е правник по професија и е претседател на Словенечката фудбалска федерација, а зад неговата кандидатура застана и ФФМ. Тој најави дека ќе се залага за понатамошен развој на фудбалот во регионот на Балканот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.