На 15 септември Специјалното јавно обвинителство треба да го поднесе во Собранието и во Советот на јавни обвинители вториот шестмесечен извештај за сработеното. Една година по основањето на ова обвинителство започнати се повеќе предистражни и истражни постапки, но не е поднесено ниту едно обвинение.
Во изминатите 12 месеци јавноста имаше улога на публика на театралните пресови на специјалните обвинителки, кои живописно ги презентираа случаите за кои почнале истрага, посочувајќи на кривични дела кон личности чија вина сè уште не успеаја да ја докажат. Засега е нејасно што сработи ова обвинителство, врз чијшто грб власта и опозицијата ги кршат копјата.
Првиот извештај што ги скара Катица Јанева и Петар Аневски, претседателот на Советот на јавни обвинители, СЈО го поднесе во март. Аневски ја повика Јанева лично на седница да го презентира извештајот, а специјалната обвинителка ја одби поканата со образложение дека СЈО има обврска да поднесува, но не и да го презентира извештајот.
„Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите, односно нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои, според јавниот обвинител, треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, стои во Законот за СЈО.
Според наведено во првиот извештај, од одобрените средства од 63.420.428 денари, СЈО потрошило 13.542.671 денари, од кои за плати на вработените се потрошени 1.682.047. Средствата што не се потрошени се повлечени во Буџетот на РМ.
Во првите шест месеци, СЈО отвори 30 предмети против 80 лица. Според Законот за СЈО, Обвинителството има рок од 18 месеци од формирањето да поднесе обвиненија кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Специјалното јавно обвинителство поседува 540.646 незаконски прислушувани разговори за кои, според нивните пресметки, би им биле потребни година и половина за преслушување.
Обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференција во јуни рече дека направиле статистичка анализа за тоа колку време ќе им биде потребно да ги преслушаат сите незаконски прислушувани телефонски разговори што им ги достави опозицијата.
– Имаме примено 540.646 аудиозаписи. Ако земеме во просек дека еден аудиозапис трае 90 секунди или 1,5 минута, нашите анализи покажуваат дека за 220 работни дена, 11 обвинители доколку 3 часа дневно слушаат од материјалите, ќе им треба повеќе од 1,5 година само да ги преслушаат материјалите – рече тогаш Ристоска.
На новинарско прашање кога може да се очекуваат и први обвиненија, со оглед на тоа што СЈО има законски рок од година и половина за покренување обвинителен акт од почетокот на неговата работа, Ристоска рече дека не може да даде прецизен одговор со оглед на обемноста на нивната работа.
– Точно е дека рокот изминува, но кога ќе имаме обвинение, тоа не можеме да одговориме и да дадеме прецизен одговор од причина што тоа зависи од обемот на доказниот материјал што ќе биде собран. Во моментот кога тој ќе биде доволен да упати на можност за покренување обвинение, секако, тогаш ќе имаме обвинение. Не можеме сега да прејудицираме со никакви датуми – рече тогаш обвинителката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.