Претставата „На дното“ работена по текст на Максим Горки, а во режија на Дејан Пројковски минатата денела премиерно беше изведена на сцената на штипскиот театар. Во претставата играат: Миле Вртеовски, Пеце Ристевски, Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов, Виктор Арев, Стојан Арев, Ангелка Нашкова, Руиш Беговска, Валентина Ѓоргиевска, Кристина Атанасова Арсова, Владимир Тулиев, Николa Стефанов, Надица Петрова, Марија Димитрова и Анкица Бенинова.
Претставата остави силен впечаток и на Меѓународниот фестивал на алтернативниот театар во Подгорица, по чие претставување беше објавена следнава критика.
Под наслов „Погледни го својот дом анѓелу“ (“Pogledaj dom svoj, anđele…”) во весникот „Побједа“ објавена е критика за претставата потпишана од Маре Радовиќ.
„Индустрискиот амбиент на халата „Радоје Дакиќ“ претставуваше совршена рамка за сценографската слика во која зјапав десеттина минути пред почетокот на претставата. Доцна дознав што ќе гледам таа вечер, па во паника се обидував да се сетам на сижето на антологиската драма, особено поради тоа што не очекуваше изведба на македонски јазик. Со неочекувано предубедување, гледајќи ги актерите и сценографијата и реков на пријателката: „Ова ќе биде одлична претстава“Подоцна, кога ја согледав потврдата на мојата претпоставка, се прашував, смеејќи си се самата на себе си, дали човечкиот суд за нешто зависи од состојбата во која се наоѓа претходно, или неговата состојба на волшебен начин е последица на она за што допрва ќе суди.“, вели на почетокот Радовиќ..
„На дното“, познатата драма на Максим Горки почна во базен полн со вода, која до самиот крај не можеше да ја измие калта од лицата и телата на јунаците на оваа драма, од лицето на земјата и човечкиот род, би додала. Овде не би се занимавала со деталите на книжевното дело, бидејќи бев маѓепсана, како ретко кога со магијата на глумата и на режијата, а над се-од магијата на театарскиот знак.
Пред се, сакам да ја истакнам убавината на играта на македонските актери, потпирајќи се на минатогодишниот увид во она што ни прикажаа нивните колеги од други два театарски ансамбли. Како, на пример, ќе го наведам чувството дека македонските актерки не се убави затоа што се згодни жени, туку се убави жени затоа што се одлични актерки. Машкиот дел од ансамблот секогаш го привлекува вниманието со одличната употреба на телото како инструмент што на драмата и дава еден вид праисконска сила, особено кога ја користат голотијата, како нужност, сила и кревкост во исто време.
Ќе се вратам на претставата, на целината која е невозможно да се пренесе со зборови, бидејќи тоа би било првото ниво на разбирање, како и кога самата драма, како книжевно дело е во прашање. Со оскудни сеќавања на фабулата и со уште послабо разбирање на јазикот, бев благословено осудена претставата да ја следам на другото ниво-на ниво на симболи. Се почна на крилата на анѓелите, распнати над судбината на јунаците во водата. Не сум сигурна дека тие крила не беа рацете на Бог со кои го покрива лицето додека плаче над човечките судбини. Три сцени за мене имаа антологиска вредност, не само театарска, туку и ликовна, а последната сцена и филмска. Како да доловам саката девојка, подоцна анѓел, која немајќи пари за ковчег, ниту за гробно место, ја погребуваат (о, прекрасна можност за сиромаштијата) во фрижидер, пуст и празен како ковчег.?! Како да не ја споменам реченицата која како крик ја надминува самата претстава: „Господе ме слушаш ли?!” Како да не ја споменам рубеновската слика, кога сите седнати на масата во совршена ликовна композиција со лажици јадат вода, онаа во која стојат?! А последната сцена, последниот знак… ја замрзнува крвта на сите, и нив и нам, во студената и валкана вода на искупување, во која пливаа сите, како еден, не стигнувајќи никаде-без Бога..
Велат дека режисерот на претставата е Дејан Пројковски, добар човек и одличен режисер. Но, неговата поставка на „Окованиот Прометеј“ минатата година го „распнав на крст“. Оваа година му се поклонувам, како на човек и на режисер. Браво!
FIAT секоја година се бори за опстанок, во вода во кал, „на дното“. Со туѓ глас прашувам: „Господе ме слушаш ли?!”, гозавршува својот осврт Маре Радовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.